
Рочиштето за предметот „Тотал“ на СЈО во кој за даночно затајување е осомничен новинарот Драган Павловиќ-Латас е одложено. Датумот за одржување ново рочиште дополнително треба да се одреди.
Бранителите на Павловиќ – Латас, адвокатките Анита Бегова и Светлана Савиќ побараа Судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.
Тие имаат забелешки на записникот од првото рочиште што се одржа пред два дена истакнувајќи дека во него нивните зборови не биле доследно интерпретирани.
Судијката Софче Гаврилова Ефремова рече дека во судницата каде што денеска се одржува рочиштето не постојат технички можности за такво снимање и оти од тие причини записниците се водат компјутерски. Потенцираше дека такви технички услови има само во Судницата 1, но оти таму има закажано голем број судски рочишта и треба да се види дали има слободен термин.
Осомничениот Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а осомничениот за 63 илјади евра.