
Премиерот Зоран Заев денеска одржа консултативна средба и координација во пресрет на новиот циклус разговори околу името кои треба да се одржат наредната недела во Брисел со медијаторот Метју Нимиц.
На денешната средба во Владата присуствуваа преговарачот од македонска страна Васко Наумовски, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Констатирано е дека за средбите на медијаторот Метју Нимиц, со амбасадорите Наумовски и Василакис, кои се закажани да отпочнат на 11 декември, е постигната позитивна клима и во Република Македонија и во Република Грција. Во разговорот на оваа средба е оценето дека за решавањето на оваа прашање од особена важност се инклузивноста, како и потребата од кохезивност во ставовите за ова прашање од врвен национален интерес за Република Македонија“, соопштија од Владата.