Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека одлуката на САД да го признае Ерусалим како главен град на Израел е „против здравиот разум“. Тој исто така истакна дека и воените вежби на САД и Јужна Кореја се со цел да ја испровоцираат Северна Кореја да спроведе додатни ракетни тестови, пренесе Танјуг.
„Оваа објава е против здравиот разум“, изјави Лавров на прес-конференцијата во Виена, коментирајќи ја одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел, пренесе Ројтерс.
Лавров, исто така, рече дека Москва ги осудува севернокорејските ракетни тестови.
Американскиот бомбардер на 6 декември прелета над Корејскиот полуостров во рамки на заедничките воени вежби со Јужна Кореја, во кои учествуваат на стотици авиони, што е јасно предупредување откако Северна Кореја минатата недела ја тестираше својата најголема и најмоќна ракета.
Лавров е во Виена за одржување на конференција на ОБСЕ.