Кузмановска: Граѓаните очекуваа подобар живот од оваа власт, а не апсење на луѓе кои си ја сакаат државата

Mинаа 14 дена голгота за нашите патриоти, голгота за луѓето што си ја сакаат државата, што си ја сакаат Македонија. Во овој изминат период гледаме една власт која се пропагираше како власт која ќе донесе живот, всушност донесе една заробена држава, порача пратеничката Лилјана Кузмановска, на протестот пред Министерството за правда, организиран од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Kажа дека во Македонија во моментов владее омразата, дека има власт која неуставен начин ја добила оваа позиција и која со политички прогон владее во овој изминат период.

„Граѓаните очекуваа од таа божем демократска власт да донесе економски напредок, а не економски колапс. Очекуваа да има напредок во здравството, во правосудството, а не да затвораат политички неистомисленици, луѓе кои ја сакаат државата. Тој ден, 27-ми април им тежи на сите а најповеќе на нас, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тој ден што значи една црна дамка за демократија во Република Македонија, народот кој си ја сака државата, испровоциран од настаните што се случуваа во Собранието, влезе на еден мирољубив начин со песна, на ист начин како што протестираше 75 дена“, рече Кузмановска.

Таа кажа дека поради тоа што сакале да го разобличат формирањето на таа недемократска Влада, сега ги прават терористи.

-Ние кои на еден храбар начин го издржавме тоа во Собранието, на еден храбар начин заедно со колегите кои сега се во притвор, всушност не сме терористи, не сме насилници, ние сме пратеници кои носиме законски решенија за доброто на граѓаните. Тој 27-ми април треба да е срам за тие кои го направија и кои го обвинија нашиот македонски народ и го нарекоа „оној народ што влезе“, изјави Кузмановска.

Рече дека од ВМРО-ДПМНЕ ги информирале сите за она што се прави во Република Македонија. Тие кажа дека од народниот правобранител се покренати четири постапки за прекршување на правата на луѓето.

„Овој македонски народ е предаден и излажан од овие што се на власт, од оваа хунта што е на власт, народот не го заслужува тоа. Мораме да бидеме единствени, во смисла на водење на една демократска политика, во нешто што значи елиминирање на опозицијата на овој начин“, изјави Кузмановска.

Додаде дека шесте пратеници се 60.000 луѓе во притвор, 60.000 луѓе кои стојат  зад нив. Таа напомена дека бараат безусловно запирање на овој политички прогон.