
Анкета покажала дека 51 отсто од Британците сакаат да останат во Европската унија, а 41 отсто сакаат да излезат од Унијата, што претставува пресврт во однос на минатогодишниот референдум, според истражувањето коешто го објави дневниот весник The Independent, пренесуваат во неделата агенциите.
Анкетата на BMG опфатила 1.508 испитаници, а дневникот резултатите од истражувањето ги објавил во саботата на својот портал.
Оваа анкета, спроведена во периодот меѓу 5-ти и 8-ми декември, покажала досега најмногу гласови за останувањето на Обединетото Кралство во Европската унија, откако беше одржан референдумот за ова прашање во јуни 2016 година.
Спроведена е, исто така, во периодот кога Британија влегува во втората фаза од преговорите од Брегзитот, кој се фокусира на трговијата, забележува агенцијата Reuters.
Седум отсто од испитаниците одговориле со „не знам“ на прашањето „Дали Обединетото Кралство треба да остане членка на Европската унија или да ја напушти Европската унија?“ пишува агенцијата DPA.
На референдумот во 2016 година, 48 отсто од Британците гласаа за останувањето, а 52 отсто за излегување од ЕУ, благодарејќи на кампањата која ја предводеше евроскептичната Партијата за независност на Велика Британија (UKIP) и евроскептиците во владејачката Конзервативна партија.
Челниците на 27-те земји го одобрија во петокот на самитот во Брисел преминувањето во втората фаза од преговорите за Брегзитот, што го отвора патот за разговорите за идните односи. Британската премиерка Терезеа Меј, исто така, во петокот изјави дека Велика Британија направила важен чекор кон остварување на лесното излегување од ЕУ, откако Брисел се согласи преговорите да минат во втората фаза.