
Во текот на 2017 година убиени се 50 професионални новинари, седум „новинари – граѓани“ (блогери) и осум лица „соработници на медиуми“, или вкупно 65 медимски работници, соопшти во вторникот во својот годишен извештај организацијата Репортери без граници (Reporters sans frontières – RSF).
Од вкупната бројка 65 новинари (професионалци и непрофесионалци) убиени во текот на годинава, 39 новинари биле убиени со намера, а 26 загинале во несреќни случаи при извршување на работните обврски.
Сирија останува најопасна земја за новинарската професија, со 12 убиени новинари. Во Мексико биле убиени 11 новинари, во Авганистан девет, во Ирак осум, а четворица на Филипините.
Најчесто на удар во 2017 година биле новинари кои известуваат од воените зони, како и тие што пишуваат за шверцот на дрога и за други видови организиран криминал.
Станува збор за најмалата бројка новинари убиени во текот на една година во изминатите 14 години, што, според Репортери без граници, се должи „како на подобрата заштита при работа, јакнењето на свеста за нужноста од подобра заштита на новинарите и со сѐ поголемиот број кампањи кои во таа смисла ја водат меѓународните организации и самите медиуми“. Меѓутоа, и со фактот дека „земјите кои станале преопасни, остануваат без своите новинари“.
„Таков е случајот со Сирија, Ирак, Јемен и Либија, од кои новинарите масовно заминуваат“, жалат од RSF.