Пресврт на Чикаго против Филаделфија, Бостон во последната секунда ја скрши Индијана

Кошаркарите на Филаделфија 76ерс се поразени со 115:117 ноќта кон вторникот на гостувањето кај Чикаго Булс, иако ја имаа контролата над натпреварот сѐ до средината на последната четвртина.

Сиксерси во последната делница од дуелот влегоа со сигурно водство кое го одржуваа во текот на натпреварот, но Булс направија серија 18:8 и го свртеа резултатот во своја полза. Предводени од Бен Сајмонс и Џерид Бејлс, Сискерс вратија со серија 13:2 со којашто заостанувањето од два коша го свртеа во водство од 105:96 на пет и пол минути пред крајот. Потоа Дарио Шариќ погоди слободни фрлања и ја одржа разликата на 107:99, но тогаш Чикаго ја презема контролата и ги погоди седумте следни шутови. Шариќ погоди „тројка“ на 39 секунди до крајот приближувајќи ги Сиксерс на 117:115, а Сајмонс во последните секунди имаше моќноста да изедначи но го попречи Дан.

Шариќ беше најефикасен кај Филаделфија, за 31 минута на паркетот постигна 27 кошови, со 8 скокови, една асистенција и две украдени топки. Сајмонс беше клучниот играч на Сиксер во второто полувреме постигнувајќи 20 кошови, од кои самиот последните десет за екипата. Кај Чикаго најдобри беа Нилока Миротиќ и Крис Дан со по 22 поени и Џастин Холидеј кој постигна 20 кошови.

Домашен пораз од 111:112 претрпе екипата на Индијана Пејсерс која беше поразена од Бостон Селтикс, на кои триумфот им го донесе Тери Розиер со „забивање“ на 1,5 секунда до крајот.

Кајри Ирвинг со 30 кошови ги предводеше Селтикс кои губеа со 102:107, откако Виктор Одалипо погоди кош за Пејсерс на 31 секунда пред крајот. Но Ирвинг потоа погоди две „тројки“ и уште еден кош на 9 секунди до последниот звук на сирената. Бојан Богдановиќ во последниот напад сакаше да додаде до Одалипо, но играчите на Бостон го опкружија а Розиер го пресече додавањето и „заби“ за победата.

Селтикс имаа дури 18 поени предност во првата четвртина, а на полувремето заминаа со предност од 62:47. Пејсерс го намалија заостанувањето на едноцифрен број поени во третата четвртина, а во последната пред крајот дојдоа и до водство со „тројката“ на Одалипо.

Ал Хорфорд постигна 14 кошови со 10 скокови и 9 асистенции за Селтикс. Одалипо беше најефикасен кај Пејсерс со 38 кошови, од кои 12 постигна во последните две минути.

Феникс Санс со 97:91 ги совладаа Далас Маверикс. Најдобар стрелец кај Санс беше Ти Џеј Ворен со 19 поени, додека Ајзеа Канаан додаде 17. Маверикс ги предводеше Харисон Барнес со 26 погодоци.

Голден Стејт Вориорс славеа во продолжувањето против Лос Анџелес Лејкерс на гостински терен со 116:114, а Кевин Дјурант погоди кош за победа на 7,3 секунди пред крајот. Дјурант мечот го заврши со 36 кошови, Клеј Томпсон додаде 17 поени со 10 скокови. Кајл Кузма беше најдобар во редовите на Лејкерс со 25 поени.