Уапсен водечки член на ИД во Италија

Водечки член на Исламска држава, кој што во Италија дошол за вршење на регрутација и обука на членови, бил уапсен од страна на италијанската полиција.

Набил Бенамир (39) од Мароко бил подготвен да мобилизира џихадисти промовирајќи ја идејата за Исламска држава, како и да ги обучува да прават и користат експлозив, соопшти полицијата.

Во акцијата за негово апсење учествувале припадници на холандската полиција, Европол и ФБИ. На неговиот телефон и на профилите на социјалните мрежи биле пронајдени инкриминирачки докази, вклучително и видео на бомбаш-самоубиец и порака за престојната задача во Италија.

Тој е обвинет за меѓународен тероризам, а прв пат бил уапсен во август во Џенова, бидејќи ја тепал својата бремена партнерка.