
Раководството на Алијанса за Албанците по неколкучасовниот состанок на Централното собрание што се одржа во Гостивар во неделата, донело одлука партијата да остане во влаејачката коалиција предводена од СДСМ. .
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села попладнево по состанокот на Централното собрание изјави дека не ја напуштат владината коалиција и оти верува дека со премиерот Зоран Заев повторно ќе се сретнат околу условите за нивното останување во коалицијата.
„Ние одлучивме дека ќе бидеме дел од владата за реализација на програмата која им ја ветивме на гласачите. Ветивме дека ќе ги отвориме и деблокираме процесите, ветиме дека лидерот на Собранието ќе биде Албанец, дека законот за албански јазик ќе биде одобрен и дека ќе се отворат судските предмети. Процесите започнаа и се очекува да се реализираат во иднина“, рече Села.
Села посочи дека на состанокот не се разговарало за излегување од Владата и оти раководството на партијата ги разгледала извештаите од локалните избори. На состанокот било разговарано и за подготовките за партискиот конгрес којшто ќе се одржи во март.
Централното собрание на партијата ги разгледало извештаите од локалните избори и било одлучено партискиот конгрес да се одржи на 20-ти март 2018 година и дека претседателот на организациониот совет ќе биде Арбен Таравари.
Села повторно потенцираше дека ресорот здравство ѝ припаѓа на Алијансата, иако Венко Филипче е предлогот за министер за здравство кој веќе е во парламентарна процедура.
„Ќе видиме дали тоа ќе биде така кога ќе гласаме во Собранието. Ако се одлучи дека Венко Филипче ќе биде министер, ќе бидете известени за натамошни чекори што треба да ги преземе Алијансата за Албанците“, додаде Села.