Мемети: Прекршена е постапката при приведувањето на пратениците

Прекршена е постапката при приведувањето на пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов, повредено е и нивното право на пратенички имунитет, констатирал Народниот правобранител, по претставките кои ги добил од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ. Во случај кога на пратениците не им е одземен имунитетот, според Мемети, полицијата требала да го прекине приведувањето, а судиите не смееле да издадат налог за апсење на пратениците, рече Народниот правобранител на брифингот со новинарите. Според него, во случајот е постапено спротивно на членот 19 од Правилникот за начинот на вршење на полициски работи.

„Пратениците со лисици на рацете се приведени во судот, каде што по подолг престој се пуштени, а мерката притвор им е изречена по неколку дена откога во Собранието на Република Македонија се реши за одземање на пратеничкиот имунитет“, рече омбудсманот Мемети.

Омбудсманот доставил препорака до министерот за внатрешни Спасовски и побарал да спроведе целосна постапка за начинот на кој постапиле полициските службеници на 28-ми ноември и да се санкционираат оние кои ги прекршиле правата на пратениците. Тој вели дека досега нема добиено одговор од МВР. Народниот правобранител со апел и до судиите.

„Апелирам до судот при носење на судски одлуки да се почитува правото на имунитет, од причина што не е првпат со судски наредби судот да го повредува правото на имунитет“, вели народниот правобранител.

Пратениците се уапсени по налог на Основното обвинителство под сомнение за извршено кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Осомничени се 36 лица.