Италија оди на нови избори

Италијанскиот претседател Серџо Матарела во четвртокот вечерта го распушти парламентот и со тоа отвори пат за одржување на парламентарните избори на почетокот од 2018 година кои во Италија може да донесат нова политичка нестабилност.

Претседателот на Италија „ја потпиша уредбата за распуштање на Сенатот на републиката и на Пратеничкиот дом која ја потпиша и премиерот“, соопшти кабинетот на Серџо Матарела.

Одлуката е донесена по разговорите со премиерот Паоло Џентилони и претседателите на двата дома на парламентот. Џентилони потоа замина на седница на владата на којашто беше решено парламентарните избори да се одржат на 3-ти и 4-ти март.

Паоло Џентилони е трет премиер во овој актуелен состав на парламентот, по Енрико Лета и Матео Ренци, и ќе остане на должност до формирање на нова влада по изборите. Џентилони изјави дека претстојната кампања не би требло да биде заснована врз страв, бидејќи тоа не е во интерес на земјата.

Се очекува изборната трка да се одвива меѓу конзервативниот блок на поранешниот премиер Силвио Берлускони и евроскептичното движење Пет ѕвездички коешто го води сатиричарот Бепе Грило и Демократската партија од левиот центар на Паоло Џентилони.

Се очекува дека коалицијата предводена од Берлускони ќе освои најмногу гласови, но не и апсолутно мнозинство, додека Пет ѕвездички поединечно, како и во досегашниот состав од парламентот, да биде најголемата партија, но без потенцијали за формирање владејачка коалиција. На Демократската партија на двата последни премиера Паоло Џентлони и Матео Ренци ѝ се прдвидуваат поразителни резултати.

И покрај тоа, Џентилони истакна дека не смеат да се пренагласуваат ризиците од политичката нестабилност.

На прес-конференцијата во Рим потсети дека Италија има традиција на кусотрајни и нестабилни влади, тврдејќи дека „речиси се вакцинирани против тоа и дека тие чести промени на власта „не ја запреа државата во нејзиниот раст и развој“.