Лидерот на баварската CSU го одреди Велигден како краен рок за формирање коалиција

Германските конзервативци и социјалдемократите мора да ја формираат владејачката ткн голема коалиција до католички Велигден со што ќе се надмине политичкиот застој во Германија, изјави во саботата Хорст Зехофер, претседател на баварската Христијанско-социјална унија (CSU).

„Велигден е апсолутно крајниот рок. Доколку до тој период не успееме да формираме влада, значи дека не сме успеале како професионален политичар“, истакна челникот на CSU Хорст Зехофер, кој е сојузник на Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел.

Челниците на унијата CDU/CSU и на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) ќе се сретнат на 3-ти јануари на првата рунда од преговорите, а поголем дел од преговорите ќе се одвива меѓу 7-ми и 12-ти јануари.

Германија од изборите кон крајот на септември, кога двете најголеми политички групации ги остварија најслабите изборни резултати во историјата, нема влада, што е најдолгиот период по Втората светска војна. Двата блока се разидуваат во неколку клучни прашања, вклучително и доселеничката политика, здравственото осигурување и Европската унија.

Дури и доколку преговорите во јануари бидат успешни, социјалдемократите дури тогаш на конгресот закажан за 21-и јануари ќе одлучат дали и официјално ќе ги започнат преговорите за владејачката коалиција.