
Кошаркарите на Милвоки Бакас ги совладаа Оклахома Сити Тендерс со 97:95, а победничкиот кош за гостите го постигна Јанис Антетокунмпо во претпоследната секунда од регуларниот тек на мечот, но откако во продорот крај Џош Хестис ја нагази линијата којашто го означува просторот на игралиштето и со тоа овој потег го направи нерегуларен.
Домашната екипа протестираше, бараа од судиите проверка на ситуацијата преку достапна видео снимка, но судиите одбија тоа да го сторат бидејќи правилата во НБА тоа не им го дозволуваат. Имено, за да се прегледа снимката, некој од судиите мора да се огласи со свирчето. Во оваа кација не се слушна судиската свирка, па затоа судиите објаснија дека не можат да ја прегледаат снимката од акцијата во којашто не виделе ништо спорно.
Меѓутоа телевизиската снимка недвосмислено покажува дека Јанис Антетокунмпо во обидот да продре по десната страна ја нагазува почетната линија, кога со првиот чекор тргнува да забие во акцијата со којашто заврши натпреварот. Покрај тоа, се чини дека грчкиот кошаркар на почетокот прави и грешка во чекори, што уште ја зголемува вината на судиите кои не донесоа никаква одлука во најважните моменти од мечот.
Инаку на крајот од првата четвртина Милвоки водеше со 38:18. На полувремето имаше предност од 14 поени, а потоа Оклахома влезе во последните осум и пол минути кога Расел Вестбрук постигна 14 од своите 40 кошови на мечот. Во последните 15 секунди Вестбрук прво заби за намалување на разликата на 92:95, а по двете нереализирани слободни фрлања на Ерик Бледшо од далечина погоди за „тројка“ за изедначување. До крајот на мечот останаа 5,7 секунди во кои гостите го постигнаа победничкиот кош, кој сепак не требаше да биде признаен.
Кај Оклахома, кои беа ослабени со неиграњето на Пол Џорџ поради болки во коленото, најдобар беше Вестбрук со 40 поени, 14 скокови и 9 асистенции. Кај Милвоки предводник беше Антетокумпо со 23 кошовои, 12 скокови и 6 асистенции, Крис Мидлтон додаде 20 а Џон Хенсон 18 поени.
До изненадувачка победа од 111:100 дојдоа кошаркарите на Шарлот Хорнетс на гостувањето кај актуелните НБА шампиони Голден Стејт Вориорс, иако во сезонава имаат скор на гостувањата од само две победи и 12 порази.
Клучен човек за победата на Хорнетс беше Двајт Хауард за кој домашните не пронајдоа начин да го запрат. Хауард го одигра најдобриот меч оваа сезона постигнувајќи 29 поени со 13 скокови и 7 асистенции, а уште пет негови соиграчи постигнаа двоцифрен број поени.
Вориорс повторно играа без Стеф Кари, чиешто враќање на теренот се очекува во саботата на дуелот со Мемфис. Кевин Дјуран попстигна 27 кошови, Клеј Томпсон 24, но тоа не беше доволно за победа бидејќи Вориорс загубија 18 топки и од тие ситуации примија 32 кошови. И покрај поразот Голден Стејт со скорот 28-8 и натаму се водечка екипа во лигата, со малку подобар ефект од Бостон кој има 29 победи и 10 порази, и е во водство во Источната конференција.
До неодамна најдобар скор имаа Хјустон Рокитс, но иако на гостувањето кај Вашингтон Визардс настапија со повратникот во првата петорка Крис Пол, сепак, беа поразени со 103:121, што е нивен петти последователен пораз, со кој дојдоа до скор од 25 победи и 9 порази. Харден постигна 20 поени но немаше ниеден скок. Вашингтон до победата ги водеше Ото Портер со 26 кошови, 7 асистенции и 6 скокови, додека Бредли Бил и Кели Обри додадоа по 21 кош.
Индијана Пејсер беа поразени на гостувањето кај Чикаго Булс со 107:119. Пејсерс ги загубија последните три натпревара откако останаа без својот најдобар играч Вилктор Одалипо. Чикаго до победата го водеше дебитантот во лигата Финецот Лаури Марканен со најдобриот учинок во кариерата од 32 кошови, додека Никола Миротиќ постигна 28 поени. Кај Индијна најдобар беше Дарен Колисон со 30 кошови.
Феникс Санс славеше со 111:101 на гостувањето кај Сакраменто Кингс. Девин Букер и Ти Џеј Воен постигнаа по 26 кошови за победничкиот тим, додека Зак Рендолф со 14 и Богдан Богдановиќ со 13 поени ги предводена седумте кошаркари на Сакраменто со двоцифрен број поени.
Во Лос Анџелес, Лејкерс условно како домашни беа поразени од Клиперс со 106:121. Блејк Грифин во своето враќање на паркетот постигна 24 кошови со 6 скокови и исто толку асистенции, а Лоу Вилијамс додаде 23 поени за победниците. Џордан Кларксон постигна 20 поени за Лејкерс, а Џулиус Рендл и Брендон Инграп по 18 поени.