
До првата половина на февруари година бизнис заедницата треба да ги достави предлог-измените на законите за туристичка и угостителска дејност.
Ограничување на важноста на лиценците за туристичка дејност на три години, можност за воведување нова лиценца за тур-оператори, осигурување аранжмани, лиценци за туристички водичи со рок на важност, како и зајакнување на контролите за нерегистрирани агенции и водичи со цел спречување на нелојалната конкуренција, се само некои од измените што се предлагаат.
Во однос на усгостителската дејност, се бара измена на Правилникот за категоризација во насока на вреднување на услугата, категоризација на сите угостителски објекти за сместување и за исхрана со посебни правилници, вклучувајќи ги и новите форми кои досега не биле опфатени, регулирање на продажбата преку он-лајн оператори, воведување електронски систем за пријавување туристи, регулирање на таксата за привремен престој, зајакната контрола на нерегистрираните угостителски објекти…
Еден од заклучоците на панел-дискусијата што пред десет дена ја организирше Министерството за економија, беше и до крајот на месецов да бидат доставени предлози за стратегијата за туризам до 2021 година чија рамка веќе се подготвува. Договорена е уште една заедничка работна средба на сите чинители, претставници на Министерството за економија, локалната самоуправа, планските региони, факултетите за туризам и угостителство, Државниот пазарен инспекторат, стопанските комори и приватниот сектор, за усогласување на предлозите и изработка на финалниот текст на стратегијата.
Според државниот советник за туризам и угостителство во Министерството за економија Шовкет Хазари, македонскиот туристички сектор бележи нагорна линија која последните осум години има раст од 100 проценти. Сепак, оцени, се соочуваме со предизвици кои се однесуваат на подобрување на локалната туристичка инфраструктура, пристапот до квалификувана работна сила и подобрување на квалитетот на услугите.
Целта на државата, потенцира советникот, е Македонија да дојде до три милиони ноќевања или еден милион посетители. Во моментов има околу 900.000 евидентирани гости.