![terorizam](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/01/terorizam-1.jpg?resize=540%2C360&ssl=1)
По вчерашниот терористички напад во Џакарта, соседните држави Малезија, Сингапур и Филипините, прогласија највисок степен на тревога, бидејки се реално можни не ретко најавуваните терористички напади и во овие држави.
Нема потврдени информации, но во медиумите се шпекулира дека полицијата има приведено повеќе лица за кои се знае дека се повратници од боиштата во Сирија и Ирак.
Во вчерашната терористичка акција во индонезискиот главен град Џакарта, официјално, загинаа седум лица, од кои пет терористи, а според се уште конфузните полициски соопштенија, има девет ранети, од кои еден е странски државјанин.
Амбасадите во регионот, управните згради на компаниите со странски капитал и хотелите во кои претстојуваат странци во четирите држави на југоисточна Азија се под засилена полициска контрола, а за безбедноста на полициските станици во повеќе градови во Индонезија ангажирани се и војници.
Повеќе воздухопловни компании од вчера ги откажуваат летовите кон Џакарта, а за сега нема откажување на летовите кон Бали, каде што нивото на обезбедувањето е посебно зголемено.
Бали беше мета на поголем терористички напад на исламски радикали во 2002 година, кога загинаа над 200 луѓе, од кои 88 беа австралиски државјани.