Бугарскиот претседател стави вето на антикорупцискиот закон

Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето во вторникот на антикорупцискиот закон кој парламентот го изгласа во декември, образложувајќи дека споменатата мерка нема да овозможи ефикасни истраги на коруптивните мрежи.

Ваквиот потег на претседателот Румен Радев доаѓа само ден откако Бугарија, најсиромашната земја членка на Европската унија, го презема шестмесечното претседавање со Унијата. Ова е првпат балканската земја да ја презема оваа улога откако на 1-ви јануари 2007 година ѝ се приклучи на ЕУ.

Во меѓувреме Бугарија не постигна некој особен успех во борбата против корупцијата и организираниот криминал, за што Европската комисија во повеќе наврати ја предупредуваше особено поради изостанувањето на обвиненија против корумпирани функционери. Според организацијата Тransparency International, Бугарија е најкорумпираната држава во Европската унија.

Новиот закон којшто Националното собрание го усвои пред две седмици, предвидува формирање посебна единица за борба против корупцијата којашто треба да ги истражува личностите на високи државни позиции, нивниот имот и потенцијалните судири на интересите.

„Убеден сум дека усвоениот закон не создава соодветна правна основа за борба против корупцијата, туку дека дополнително ќе ја отежне“, изјави Радев кој победи на претседателските избори во ноември минатата година.

Покрај шефот на државата, и повеќе бугарски експерти, коментатори и аналитичари изразуваат дилеми во однос на тоа дека новиот закон, во прв ред бидејќи припадниците на таа новоформирана единица би ги избирало парламентарното мнозинство, поради што тоа не би претставувала вистинско независно тело, туку би можела да биде користена за справување со опозицијата во кој и да е парламентарен состав.

Многумина од нив истакнуваат дека претседателот Радев има силни аргументи за ставањето на ветото, но сметаат дека парламентот сепак ќе ја отфрли мерката на шефот на државата.

Овој закон предвидува и јакнење на контролата и одговорноста на безбедносните сили, а владата се надева дека со тоа Бугарија ќе го зајакне својот углед во текот на претседавањето со Европската унија.