Петта ноќ протести во Иран, расте бројот на жртвите

Девет лица ги загубиле животите во текот на ноќта во новата рунда протести во повеќе ирански градови. Стотици луѓе се уапсени, а предизвикана е и голема материјална штета.

Во петтата ноќ од протестите во Иран загинале најмалку девет лица, јави државната телевизија, а повеќе од 100 се уапсени од полицијата. Шест демонстранти загинале во судир со безбедносните сили откако ја нападнале локалната полициска станица во градот Чахдеријан. Уште две лица, меѓу нив и еден член на Револуционерната гарда загинале во регионот на Исфахан, а еден полицаец загинал во Наџафабад откако бил застрелан со ловџиска пушка. Севкупно, од избувнувањето на протестите во четвртокот минатата недела, досега загинале најмалку 21 лица во земјата.

Според Али Шамкани, секретар на иранскиот Врховен совет за безбедност, немирите се „прокси војна против иранскиот народ“.
„Хаштагови и пораки за состојбата во Иран доаѓаат од САД, Велика Британија и Саудиска Арабија“, изјави тој за локалните медиуми.

Претседателот Рухани го минимизираше значењето на немирите, кои започнаа во градот Машдад како изблик на незадоволство од лошата економска состојба во државата, но набрзо се насочија против исламскиот режим со извици од типот „Смрт за диктаторот“.
„Ова не е ништо“, рече Рухани во пишана изјава, „нашиот народ ќе се справи со ова малцинство кое извикува слогани против законот и волјата на народот, и ги навредува светостите и вредностите на револуцијата“.
Во неколку градови беа одржани и про-режимски демонстрации.