Земјотрес со магнитуда 5,1 утрово почувствуван во Дојран

Во 5,24 часот во вторникот утрото земјотрес со магнитуда од 5,1 степени според европската макросеизмичка скала, е регистиран на десет километри источно од Дојран.

Станува збор за најмоќниот потерес во серијата почувствувани од понеделникот, кои потекнуваат од дојранското епицентрално подрачје. Според досегашните информации, последниот земјотрес предизвикал мали оштетувања на градбите во населените места низ Дојран.

Тресењето на почвата е почувствувано и од жителите на соседните Грција и Бугарија.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC) го регистрирал подземниот удар со интензитет од 5,1 степени по европската макросеизмичка скала.

Епицентарот на потресот е во Грција на длабочина од само 2 километри од земјиното тло, на 146 километри југоисточно од Скопје, на 9 километри источно од Стар Дојран.
Голем дел од населението во Гевгелија го почувствува утринското немирно тло, а не помалку изненадени беа Дојранчани, Жителите на Богданци, Струмица и населените места од југоистокот на Македонија.

Атинската сеизмичка лабораторија ноќеска регистрирала вкупно девет потреси во период од шест часови, од 23,13 до 5,24 часот, сите на североисточниот дел од Грција во близина на македонско-грчката граница.