
Осудениците во пренатрупаните француски затвори ќе добијат во своите ќелии фиксни телефонски линии, потврди француското министерство за правда.
Со оваа мерка, министерството сака да ја спречи раширената и со корупција проследена појава на шверцување на мобилните телефони во затворите, како и да им се помогне на затворениците да ги одржуваат контактите со своите семејства.
Како што пишува парискиот дневен весник Le Monde, во француските затвори во текот на 2016 година биле запленети 33.000 мобилни телефони. Нема податоци за изминатата 2017 година.
Техничките мерки за попречување на сигналот за мобилната телефонија во затворите и натаму ќе се спроведуваат, наведува министерството. Затворениците притоа ќе може телефонски да разговараат само со лицата за коишто ќе добијат одобрување. Телефоните ќе бидат поставени во сите ќелии, освен во оние коишто се предвидени за казни за недисциплина.
Француските затвори се пренатрупани, па многу осуденици не можат да ги користат телефонските кабини во ходниците. Според податоците на министерството за правда од декември, во француските затвори се наоѓаат повеќе од 69.000 затвореници, а нивниот вкупен капацитет изнесува околу 59.000 осудени лица.