
Народните избраници ќе ги слават празниците и на работа ќе се вратат дури на 9 јануари. Тие решиле на пратеничка координација со претседателот на Собранието Талат Џафери да ги спојат деновите меѓу и за празниците и да не одат на работа.
Без оглед што Владата сака да наметне силно темпо на работа за да се движат сите ветени реформски процеси, во Собранието ќе има подолга пауза на активностите и засега во програмата за работа не се внесени сите предвидени седници, освен таа што е закажана на 15 јануари кога е предвидена седницата на Комисијата за европски прашања за презентација на програмата и на приоритетите за работа на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2018 година.
Активностите кои треба да започнат од 9 јануари допрва ќе бидат внесени во програмата за работа на Собранието.