
Десетици илјади приврзаници на иранските власти излегоа во средата во повеќе градови во земјата за да ги осудат безредијата со над дваесет жртви кои од минатиот четврток го потресуваат Иран, објави државната телевизија.
Носејќи транспаренти со натписи насочени против поттикнувачите на безредијата, поддржувачите на владата извикуваа пароли со поддршка за врховниот ирански водач, ајатолахот Али Хамнеи, но и вообичаените слогани „смрт за Америка“, „смрт за Израел“ и „смрт за Монафег“, што е термин со кој властите ја нарекуваат сунитската групација Народни муџахедини, кои ја имаат поддршката од САД и во текот на ирачко-иранската војна во 1980-те беа на страната на Садам Хусеин,а се обвинети за терористички акции во Иран.
Државната иранска телевизија во директни јавувања објавуваше прилози од масовните собири во Авхаз, Арак, Абадан, Бушер, Илам, Горган и Керманшах.
Речиси една седмица Иран го потресуваат протести коишто започнаа минатиот четврток вечерта како израз на незадоволство од зголемувањето на цените, сиромаштијата и невработеноста и осуда на властите. Потоа, протестите се претворија во насилни демонстрации во кои досега 21 лице, меѓу кои и најмалку еден полицаец, ги загубија животите, а уапсени се меѓу 450 и 800 лица, од кои многумина набрзо беа ослободени.
Претседателот Хасан Роухани ги нарече поттикнувачите на насилството на протестите „грст луѓе“, додавајќи дека народот „ќе знае да им одговори“. Покрај тоа, порача дека властите , доколку е потребно, ќе мобилизираат милиони луѓе за да го сопрат насилството.
Протестите во средата претпладнето се одвиваат по мирната ноќ во главниот град Техеран, каде што изминатите три вечери се одвиваа помали протести.
„Нема информации за судири и за апсења во Техеран“, објави во вторникот доцна во ноќта иранската новинска агенција Ilna, којашто се смета за блиска на реформистите коишто го поддржуваат претседателот Роухани.
Покрај тоа, силите за воспоставување на редот биле помалку забележителни на улиците на главниот град отколку во претходните денови, јавува дописникот на AFP.
Меѓутоа, во покраината Исфахан две лица отвориле оган врз полициска станица и врз банка во градот Ленџан, при што нема настрадани, а потоа побегнале, јави иранската телевизија.