
Маж од Куманово, кој бил пуштен на затворско отсуство, експресно е вратен во затвор по инцидент со неговата поранешна невенчана сопруга, извести во средата министерството за внатрешни работи.
Триесет и тригодишниот Џ.С., кој бил пуштен на домашно отсуство од Казнено поправната установа Затвор Скопје, во вторникот попладнето започнал расправија со неговата поранешна невенчана сопруга 47-годишната Н.Р. во двор од куќа на улицата „Анѓа Ранковиќ“ во Куманово.
Во тој момент нејзиниот син Р.Р. започнал со раце да го турка Џ.С. и од масата земал кујнски нож продолжувајќи да се расправа со него.
Џ.С. успеал да му го одземе ножот, а по кратко време, на местото на настанот дошла екипа од полициската станица Куманово.
При обид да му го одземе ножот на Џ.С., еден полициски службеник се самоповредил, односно си нанел расекотина на дланката од левата рака. Џ.С. бил приведен и спроведен во Казнено-поправната установа Идризово, информираат од МВР.
Повредата на полицискиот службеник му била санирана од екипа на Итна медицинска помош.