
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес на МРТ одговара на прашањата на новинарите. Тој потенцира дека негова цел е тој и партијата да му служат исклучиво на народот и државата.
-Христијан Мицкоски во моментот е претседател на ВМРО-ДПМНЕ и единствен интерес на Христијан Мицкоски во моментов е да се врати на старите победнички патеки, да формира тим кој ќе го поддржи во сето тоа, кој ќе го надополнува во моментите кога ќе почувствува дека греши. Јас не сум суетен човек и напротив сите добронамерни совети ги прифаќам, дебатирам, аргументирам и за мене аргументите се слово на законот. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе му служат исклучиво на народот, на македонскиот народ, на граѓаните на Република Македонија и на Република Македонија во целост, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека се што била добра и позитивна пракса е добро да се продолжи, како во ВМРО-ДПМНЕ така и од страна на власта, а се што било лошо и онаму каде се констатирани недостатоци, да се најде начин истите да се превенираат и да не се повторуваат.
-Тоа би требало да биде еден процес на синергија кој на крајот од денот ќе доведе до резултат еднаков на успех, односно победа на следните предвремени или редовни парламентарни избори, зависи од мнозинството во Собранието и Владата која што јас сум силно убеден дека ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
порача дека врататa во партијата е отворена за сите, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе расчисти со дел од функционерите на партијата кои беа против одржување на конгресот.
-Овие луѓе многу дале за партијата, вратата им е секогаш отворена, со најголем дел од нив и лично контактирам. Мотото е обединување, без разлика дали во минатото сме имале различни ставови. Треба да им застанеме на овие штетни политики кои ги води владата на СДСМ, кои не го подобрија квалитетот на животот на граѓаните. Секој добронамерен сопартиец и граѓанин е добродојден во партијата, рече Мицкоски.
Тој појасни дека ќе има внатрешна реконструкција во партијата, и најави дека ќе се формираат две нови тела, совет на извршен комитет и совет на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што како што рече, ќе понудат една нова надеж.
-Имам можност да им служам на граѓаните и на мојата држава, и ова ќе биде дополнување на моето портфолио, рече Мицкоски.