
Париз и Анкара потпишаа договор за изработка на студија за противвоздушна одбрана на Турција во текот на посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на француската престолнина, а неговиот домаќин и колега по должност Емануел Макрон во петокот ги отвори чувствителните прашања за човековите и неизвесното придружување на Турција на Европската унија.
Турските компании „Aselsan“ и „Roketsan“, француско-италијанскиот конзорциум „Eurosam“ и владата на Турција потпишаа одговор за изработка на студија за системот на воздушната одбрана од проектили со долг дострел „Loramidis“ (според Long-Range Aire and Missile Defense System), соопшти Елисејската палата.
Системот треба „да ѝ гарантира на Турција потполна автономија во користење и суверен избор на ниво на интеграција во НАТО“, се наведува во соопштението на француското претседателство но не се изнесува сумата на договорот. Таквите системи за противвоздушна одбрана ги користат француската и италијанската армија, пишува AFP.
Земјите членки на НАТО се загрижени поради склучувањето на договорот на Анкара со Москва за купување на четири батерии од рускиот противвоздушен комплекс С-400 во износ од 2,5 милијарди долари. Тоа беше одговор на Турција, членка на НАТО, откако западните земји одбија да ѝ продадат слични системи, и откако под притисок на САД беше раскинат договорот со кинескиот конзорциум за заедничко градење на противвоздушен ракетен систем.
Рускиот системи не се компатибилни со оние на НАТО и свртувањето кон рускиот производител, Европската унија го доживува како искажување на незадоволство од страна на Ердоган од напнатите односи со неколку западноевропски челници.
Човековите права и ЕУ
Како што пренесува агенцијата Reuters, Макрон на Ердоган му соопштил дека демократските земји мора да го почитуваат владеењето на правото дури и во војната против тероризмот.
„Нашите демократии мора да бидат силни кога се борат против тероризмот… Но истовремено нашите демократии мора потполно да го штитат владеењето на правото“, рекол Макрон на заедничката прес-конференција.
Изразил загриженост за судбината на студентите, наставниот кадар и новинарите во Турција коишто се притворени и отпуштани од работа во чистките по обидот за воен преврат од 16-ти јули 2016 година. Макрон рекол дека во разговорите со Ердоган споменал конкретни случаи на новинари и лица од Универзитетот Галатасарај, но не ги именувал на прес-конференцијата.
„Таквиот развој на настаните во Турција не овозможува напредок во преговорите коишто Турција ги води за членство во Европската унија“, рекол Макрон.
Оценил дека може би требало а се востанови поинаква форма на соработка наместо интеграции во ЕУ. Можеби тоа би вила „соработка или партнерство“ коешто би ја „зачувало припадноста на турскиот народ на Европа“, рекол Макрон, истакнува агенцијата DPA.
Ердоган на ова одговорил дека Турција е „заморена“ поради изостанувањето на напредокот во преговорите за членството. Анкара одамна преговара за членството во ЕУ со која го заостри односите по неуспешниот пуч, а што Турција, според оцените на Западот, го искористила за пресметка со неистомислениците.
Брисел повеќепати предупредуваше дека однесувањето на Анкара ја доведува во прашање нејзината посветеност за пристапување кон ЕУ. Европската комисија на почетокот во годишниот извештај за напредокот на Турција на патот кон Унијата, ги нотираше неуспесите на политиките на Анкара во сферата на граѓанското општество, човековите права и слободата на говорот. Во извештајот, исто така, беше истакнато дека турските власти не прават доволно за прилагодување на законодавството кон европските норми.
Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори.
Прашањето за испраќање оружје го разлути Ердоган
Турскиот претседател го објаснува пресметувањето со пучистите и тврди дека новинарите со своите написи го поттикнувале тероризмот, како и од забранетото движење на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, така и од герилците на Работничката партија на Курдистан (PKK).
Според процената на агенцијата Reuters, Ердоган бил видно изнервиран од прашањето на францускиот новинар за тоа дека турските разузнавачки служби испраќаат оружје во Сирија. Таквата операција можеле да ја водат приврзаниците на Ѓулен, одговорил Ердоган.
Анкара редовно го обвинува Ѓулен дека со години преку синџирите приватни образовни институции на сите нивоа, во медиумите, во правосудството, во војската и полицијата инсталира паралелна држава во државните институции коишто всушност ја воделе државата а потоа оваа мрежа и го организирала неуспешниот обид за преврат.