Атина е децидна дека не e постигнат договор за името

Веста во албанските медиуми дека во контактите меѓу Атина и Скопје е дојдено до формулацијата за името што ги задоволува и двете страни „Република Нова Македонија“, демантирана е од грчкото министерство за надворешни работи.

Грчката дипломатија реагираше на веста за наводно постигнатиот договор со демант во кој вели дека се работи за „албанска провокација“ и ја отфрли таквата вест како неточна, објавија грчки медиуми.

Во соопштението се наведува дека оригиналниот извор е некој „чуден и непознат вебсајт“ и се додава дека ова не е прв случај албански сајтови да се занимаваат со „сценарија“ за името на Македонија.

Веста за наводно потигнатиот договор за името меѓу двете земји во Грција прв ја објави дневниот весник Proto Thema, повикувајќи се на албанскиот вебсајт infoschip.com .

Овие турбуленции се случија токму во време кога вицепремиерот Бујар Османи е во посета на Атина.

Албанскиот портал, пак, се повикува на „доверливи грчки извори“ и објави дека новиот договорен назив е „Република Нова Македонија“ или скратено „Нова Македонија“, со веќе наведени верзии на македонски, англиски, грчки и албански јазик.