Бугарската влада преживеа гласање за недоверба

Бугарската влада во четвртокот го преживеа гласањето во Народното собрание за недоверба коешто го поставија опозициските социјалисти поради, како што истакнаа, изостанувањето на напредок во борбата против раширената корупција во оваа најсиромашна земја членка на Европската унија.

За поддршка на таканаречената влада „Борисов 3“ гласаа 131 пратеник во 240-члениот парламент, додека недовербата ги доби гласовите на 103 пратеници.

Гласањето мина лесно, бидејќи владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов има мнозинство, иако кревко, во парламетот со своите коалициони партнери националистичките партии, како и од малата популистичка партија Волја.

Бугарија, којашто во моментов претседава со Европската унија, е рангирана како земја членка со најголема корупција според индексот за перцепција на корупцијата на меѓународната невладина организација Transparency International.

Опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП) од мај минатата година ја обвинува центриситичката влада, од кога е и формирана, дека речиси нишо не сторила за затворање на корумпираните функционери на високи позиции, како и дека донесе антикорупциски закон кој нема да ги постигне неопходните резултати.

Европската комисија во повеќе наврати ѝ упати забелешки на Бугарија, поранешна комунистичка земја со околу 7,1 милиони жители, бидејќи не ја искоренила корупцијата, ниту направила реформи на правосудниот систем.

Поради корупцијата намалени се неопходните странски вложувања во заемјата, а оваа појава е и меѓу главните причини поради коишто некои земји членки на Европската унија се противат на влегувањето на Бугарија во шенгенската зона и во еврозонаа.

Премиерот Борисов во својот неодамнешен говор пред европските пратеници изјави дека „чувствителни“ резултати во борбата против корупцијате ќе бидат постигнати за две до три години.