На часовникот на Судниот ден останаа само две минути до „нуклеарната полноќ“

Американските научници ги поместија стрелките на симболичниот „Часовник на судниот ден“ вторпат во 71 година, по минатата 2017 година, за уште 30 секунди, и сега се запрени на 23:58:00 часот, односно до „нуклеарната полноќ“ останале само уште две минути, изјави во четвртокот на прес-конференцијата претседателката на американскиот магазин Bulletin of the Atomic Scientists, Рајчел Бронсон.

„Ситуацијата со нуклеарното оружје на планетата е блиску до катастрофа. Гледаме дека сите нуклеарни држави вложуваат во модернизација и развој на нивните нуклеарни арсенали. Нуклеарните и ракетните тестови на Северна Кореја покажуваат дека таа го забрзува развојот на нуклеарното вооружување. Гледаме дека земјите во југоисточна Азија и јужна Азија ставаат поголем акцент на напорите за зголемување на своите нуклеарни и конвенционални вооружувања“, рече Бронсон.

Според Бронсон, тревога, исто така, предизвикува „војната со зборови“ меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и челникот на Северна Кореја Ким Џонг-ун, кои меѓусебно се закануваа со нуклеарни удари.

„Загриженост предизвикува тоа што, кога станува збор за Трамп тешко е да се предвиди како САД во иднина имаат намера да го користат своето нуклеарно оружје“, истакна претседателката Бронсон. Покрај тоа, американските нуклеарни научници истакнуваат дека „САД и Русија во моментов не водат никакви преговори за натамошно намалување на нуклеарното оружје“.

Најблиското време коешто овој часовник до нуклеарната катастрофа го покажуваше досега беше во 1953 година, исто така, 23:58 во врска со тестирањето на термонуклеарните (хидрогенски) бомба. За цели 17 минути, пак, човештвото беше далеку од нуклеарната катаклизма во 1991 година, поради завршувањето на Студената војна.

Точно пред две години, на 27-ми јануари 2016 година, главната уредничка на ова авторитетно списание Рајчел Бронсон објави дека стрелките на „Часовникот на судниот ден“ е решено да останат на местото. Според уредувачкиот колегиум, тогаш меѓу позитивните моменти беа постигнувањето на договорот за нуклеарната програма на Иран и климатската конференција во Париз, а меѓу негативните беа влошувањето на односите меѓу САД и Русија, продолжените нуклеарни тестирања во Северна Кореја и зголемувањето на глобалната терористичката закана.

Ткн „Часовник на Судниот ден“(Doomsday Clock) е создаден од страна на група американски физичари коишто учествуваат во нуклеарниот проект на редакцијата на магазинот Bulletin of the Atomic Scientists. Првата слика на часовникот се појави на насловната страница на списанието во 1947 година. Тогаш стрелките укажуваа на 7 минути до „полноќ“ од светската нуклеарна катастрофа.

Оттогаш на 14-ти јануари, во 16 часот по средноевропско време, во зградата на американската Академија за наука во Њујорк, се придвижува големата стрелка на славниот „Часовник за Судниот ден“, а настанот, првпат, во директен пренос можеа да го следата заинтересирани луѓе кои имаат пристап до интернет во 2010 година.

Во 2012 година стрелката на часовникот беше поместена за една минута и покажуваше пет минути до полноќ, Oригиналниот часовник се чува во канцелариите на Билтенот за атомска наука во Чикаго. Последен пат стрелката што покажува минути беше придвижена во јануари 2007 година, кога е поместена нанапред за две минути, од седум на пет минути пред полноќ.

„Промената треба да ги означи главните извори на потенцијалната катастрофа, што би можела да нѐ приближи до Армагедон“, пишува Билтенот за атомска наука, магазин чија мисија е „да го предупреди светот на опасноста што се заканува по откривањето на атомската бомба“.

Според списанието, опасности се закануваат од сите страни: од 27 илјади атомски бомби, од кои две илјади во секој миг се подготвени за лансирање, до уништување на околината и климатските промени.

Факторите што влијаат врз придвижување на стрелките на „Часовникот за Судниот ден“, ги вклучуваат и меѓународните преговори за намалување на нуклеарниот арсенал и спречување на шверцувањето на радиоактивниот материјал, ширење на цивилниот нуклеарен сектор, потенцијалниот нуклеарен тероризам, како и климатските промени.

Билтенот за атомска наука е основан во декември 1945 од научник при Универзитетот во Чикаго, кој учествувал во Проектот Менхетен, односно во создавањето на првата атомска бомба, а „Часовникот за Судниот ден“ е „направен“ во 1947 година, со порака дека човештвото се наоѓа на „неколку минути пред полноќ“, каде полноќ всушност претставува „нуклеарно разорување, климатски промени и нови технологии“.

Стрелките се придвижуваат во склад со промените на околностите – нанапред или наназад – зависно од тоа колку светот е оддалечен од тотална атомска војна. Кога бил претставен во 1947 година, светот влегуваше во период на Студената војна, а стрелката била поставена на седум минути до полноќ. Од тогаш, стрелката била придвижувана 18 пати. Најблиску до Судниот ден, светот бил во 1953 година, кога стрелката била поставена на две минути до полноќ, а во тоа време САД и СССР направиле термонуклеарни проби во период од девет месеци.