
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека ќе се согласи на интервју под заклетва со специјалниот обвинител Роберт Мјулер, кој го истражува можното руско мешање во американските избори во 2016 година.
„Би сакал тоа да го сторам што е поскоро можно“, изјавил Трамп пред новинарите. Одредувањето на датумот за интервјуто, како што рекол американскиот претседател, е „предмет на моите адвокати и сето тоа“. Правните застапници на американскиот претседател разговарале веќе со тимот на Мјулер за интервјуто, според извири кои се упатени во текот на истраата.
Изворите изјавиле за агенцијата Reuters претходно во средата дека тим на специјалниот обвинител испитувал високи американски разузнавачки офицери, вклучително и директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Мајк Помпео, за тоа дали претседателот Доналд Трамп се обидел да ја попречи истрагата за наводната вмешаност на Русија во американскиот изборен систем.
Во неколкуте свои обраќања пред новинарите во средата, Трамп ги повтори претходните свои изјави дека не постои никаков контакт меѓу неговата изборна кампања и Русија, како и дека „не постојат никави опструкции“ на истрагата.
Американските разунавачки агенции тврдат оти заклучиле дека Русија се мешала во предизборната кампања преку хакирања и пропаганда обидувајќи се да ја фаворизира во претседателската трка кампањата на Трамп, кој ова го нарече „лова на вештерки“. Москва повеќепати истакна дека станува збор за обвинувања кои не се поткрепени со никаков доказ, како и дека се резултат на „антируската хистерија“ во Вашингтон и на тамошната внатрешнополитичка борба.