Најмалку 40 загинати и 140 повредени од бомба во Кабул

Најмалку 40 загинати и 140 повредени кога утрово експлодира бомба во автомобил на Итна помош на полициска станица во Кабул, недалеку од делот каде што се наоѓаат странските амбасади и владини згради.

Пратеникот Мирваис Јасини, кој бил во близина на експлозијата, изјави дека возилото се приближувало до контролниот пункт, кај канцеларијата на Високиот совет за мир и бројните амбасади, а потоа експлодирало.

Одговорноста за овој самоубиствен бомбашки напад ја преземаа Талибанците, недела дена по извршениот напад врз хотелот „Интерконтинентал“ во Кабул, при што загинаа повеќе од 20 луѓе.