
Турција во саботата ги повика САД итно да ги повлечат своите војници од северниот сириски град Манбиџ, покажувајќи решителноста да ја продолжи и прошири офанзивата врз курдските милиции во Сирија коишто ги вооружуваат и обучуваат американските специјалци.
„САД веднаш мора да се повлечат од Манбиџ“, град на околу 100 километри источно од областа на градот Африн каде што се одвива голема турска офанзива“, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Во изјавата за новинарите во турската престолнина Анкара во саботата, Чавушоглу рече дека Турција сака да види конкретни чекори од страна на САД во прекинување на нивната поддршка за силите на сириските Курди.
Изјавата на шефот на дипломатијата дојде неколку часа откако кабинетот на турскиот претседател објави соопштение дека портпаролот Ибрахим Калин и американскиот советник за национална безбедност Херберт Рејмонд Мекмастер, разговарале за тековната турска воена операција „Маслиново гранче“, изминатата ноќ. Според соопштението, Мекмастер рекол дека Вашингтон повеќе нема да ги вооружуваат борците на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), којашто Анкара ја смета за сириска фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (РКК), којашто дејствува на турска територија. Двајцата високи функционери, исто така, се согласиле да ја зајакнат меѓусебната координација и да ги расчистат недоразбирањата за прашањата поврзани со Сирија, се додава во изјавата.
Генералштабот на турската армија, исто така, во саботата објави дека најмалку 394 курдски борци се убиени од почетокот на операцијата „Маслиново гранче“ во Африн од 20-ти јануари. Турската армија соопшти дека се уништени само „терористи“ и нивните позиции и засолништа и дека се „води голема претпазливост“ да не се предизвикаат штети на цивилното население.
Во меѓувреме, во саботата околу 10.000 луѓе демонстрираа во западниот германски град Келн во саботата осудувајќи ја турската офанзива во северна Сирија против борците на YPG. Демонстрантите носеа транспаренти со натписи „Слобода за Курдистан“ и „Засрами се Европа“.
Во саботата продолжија судирите меѓу турските војски и курдските борци северозападно од регионот на Африн, а турските воздушни сили и артилеријата продолжиле со бомбардирањата.