
Во 21-то коло од шпанското фудбалско првенство водечката Барселона во неделата на својот „Камп Ноу“ со многу труд и можеби мала помош од судијата славеше над Алавес со 2:1 (0:1).
Алавес поведе со среќниот погодок на Џон Гвидети во 23 минута од против напад по претходно незавршени две вакви прилики, и го имаше водството сѐ до 72 минута, кога Луис Суарез израмни на 1:1. Победата на Барса ѝ ја донесе во 84 минута Лионел Меси со погодок од одлично изведен слободен удар, по дискутабилен фаул поради можна офсајд ситуација претходно во истиот напад наиргач на домашните. Во финишот од мечот гостинските играчи бараа играње со рака во шеснаесетникот од одбраната на домашните, но тоа остана несанкционирано.
Алавес кој минатата сезона славеше на „Камп Ноу„ моментално со 19 бодови е на 17-то место на табелата.
Второпласираниот Атлетико Мадрид рутински на домашен терен го совлада претпоследниот Лас Палмас со 3:0. Гостите од Канарските острови цел час одолеваа на домашните напади, но потоа Антоан Гризман во 61, Фернандо Торес во 73 и Партеи во 88 обезбедија нови три бода за „јорганџиите“.
Атлетико со 46 бодови заостанува и натаму значително зад Барселона која има 57 бодови, но има шест бодови повеќе од третата Валенсија, додека актуелниот шампиони Реал Мадрид е четврти со 38 бодови и меч помалку. Лас Палмас е 19-ти со 14 бодови.
Севилја не успеа да освои три бода на домашен терен против Хетафе. Домашните поведоа во 72 минута преку Луис Муриел, но во третата минута од судиското продолжение израмни Анхел Родригез. Севилја остана на шестата позиција со 33 бодови, четири помалку од петтиот Виљареал, и исто толку повеќе од седмиот Еибар. Хетафе, пак, е во групата екипи од 8-то до 11-то место со по 28 бодови.
Фудбалерите на Еспањол постигнаа четири голови, од кои Хермосо три, но сепак со 2:3 беа поразени на гостувањето кај Леганес. Имено Хермосо ги доведе домашните во водство со својот автогол во 11 минута а се чини ја запечати судбината на Еспаљол кога во 82 минута уште еднаш ја погоди сопствената мрежа, а во 88 минута беше прецизен во вистинската насока. Претходно гостите од Барселона во 49 минута израмнија преку Наваро, а Леганес повторно дојде во водство преку Гвереро во 69 минута.
Еспањол остана на 14-то место со 24 бодови, а Хетафе со сега освоените 28 бодови направи пробив на 9-то место на табелата.