
Обединетите нации соопштија дека може да биде постигнат напредок во решавањето на 26-годишниот спор меѓу Атина и Скопје околу употребата на името Македонија.
Заменик портпаролот на Обединетите нации Фархан Хак изјави дека „е создаден позитивен момент“ во разговорите што се водат со посредтсво на ОН и оти е можно да биде пронајдено решение со, како што изјави, „вистински дух на компромис од раководствата и од народите на двете земји“.
Медијаторот Метју Нимиц престојува во Атина каде штво вторникот треба да се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Потоа тој ќе престојува во дводневна посета на Македонија.
Лидерот на партијата „Независни Грци“ – дел од владината коалиција, Панос Каменос, истовремено и министер за одбрана, кој се противи на секакво користење на терминот Македонија во какво било сложено име ги отфрли гласините и написите во грчките медиуми дека тој ќе ја напушти власта доколку во Парламентот ќе дојде име кое го содржи терминот „Македонија“.
„Не верувам дека на НАТО Самитот ќе биде направен толку голем напредок во преговорите, дека ќе биде завршена уставната промена, како дел од предусловите што ги поставува грчката влада за поранешната југословенска Република. Сметам дека ако навистина сакаат решение Скопјаните, ќе треба да го направат она што го направи Англија за нејзиниот влез во Европската унија. Ќе ве потсетам дека за да влезе Англија во ЕЕЗ, го смени името по барање на Де Гол, од Велика Британија во Обединето Кралство“, рече во вторнкот Каменос, објаснувајќи дека кога тоа го сторила големата Англија, „Скопје нема причина да инсистира на име кое велат дека го користат во последните 70 години, а е со историја од 3000 години“.
Во однос на позицијата за името, лидерот на Независни Грци, истакна дека од партијата остануваат на цврстата позиција, против употребата на терминот Македонија или изведените зборови во името, а уште еднаш повтори дека има целосна доверба во шефот на грчката дипломатија.
Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, пак, изјави дека меѓу коалициските партнери има приближување на ставовите и дека со тоа евентуалниот договор за името ќе се изгласа во парламентот без неиаква пречка.