Пентагон бара модернизирање на американските нуклеарни сили

Американското министерство за одбрана го објави во петокот извештајот за американските нуклеарни капацитети во кој повикува на модернизација на овој арсенал за САД да останат „веродостојна нуклеарна сила“.

Министерот за одбрана Џим Матис изјави дека извештајот е објавен во „критичен момент во американската историја“ кога САД се соочуваат со меѓународната безбедносна ситуација којашто е „покомплексна и потешка“ од кој друг период по Студената војна.

„Во овој момент не е возможно да се одложува модернизацијата на нашите нуклеарни сили, доколку сакаме и натаму да останеме силна нуклеарна сила“, рече Матис.

Во извештајот се повикува на нова нуклеарна стратегија којашто би била флексибилна и точно прилагодена. Се нагласува потребата од модернизација и обновување на нуклеарната инфраструктура, односно интерконтиненталните балистички проектили, проектилите кои се лансираа од подморници и авиони способни да понесат нуклеарни боеви глави. За Пентагон мора да биде приорите измената на апаратурата, како и командниот и контролниот систем, се истакнува во извештајот.

„Нашето нуклеарно тројство нѐ чува повеќе од 70 години. Не можеме да си дозволиме да станеме застарени“, изјави заменикот министер за одбрана, Патрик Шенахан на прес-конференција.

Во истиот извештај, исто така, се наведува дека додека САД продолжувале да го намалуваат својот арсенал нуклеарно оружје други земји, вклучително и Русија и Кина, наводно тргнале во спротивна насока. Москва повеќепати на ваквите најави одговори дека се придржува до договорите со Вашингтон за намалување на нуклеарните потенцијали на двете земји, што се контролира со меѓусебни инспекции, но дека доколку САД ја напуштат ваквата ситуација, ќе преземе соодветни чекори.

Матис, исто така, ги наведе севернокорејските нуклеарни и балистички тестови и иранското задржување на нуклеарните технолошки капацитети. Вашингтон тврди дека тие се надвор од нуклеарниот договор меѓу Иран и шесте светски сили и се заканува со напуштањето на овој договор и воведување нови санкции за земјата, а Техеран и американските сојузници, како и меѓународните инспекциски надзори, сметаат дека нема иранско отстапување од договореното.

„Сето тоа претставува дијапазон од различни закани без преседан…, коишто создаваат сѐ поголема несигурност и опасност“, рече Матис.
.