
Во последниот дуел од саботната програма на 24-то коло од првата шпанска фудбалска лига, Валенсија со пресврт во самата завршница ја совлада последнопласираната Малага со 2:1.
Малага поведе со голот на Нигериецот Браун Идеје во 27 минута, а за Валенсија израмни Франсис Кокулен во 80 минута. Во 84 минута бекот на Малага, Мигуел го собори Родриго за што заработи исклучување, а Даниел Парехо го реализираше пеналот за пресврт и нови три бода.
Валенсија со оваа победа скокна на третото место со 46 бодови, зголемувајќи ја предноста пред Реал Мадрид, кој има два натпревара помалку, додека второпласираниот Атлетико Мадрид ѝ бега за шест бодови. Малага остана забетонирана на дното со само 13 бодови, седум помалку од зоната за спас.
Претходно Алавес во дербито на дното славеше против Депортиво Ла Коруња со 1:0, со голот на Мунир Ел Хадади во 61 минута. Алавес е 14-ти со 28 бодови, додека Депортиво е претпоследен ос 17 бодови.