Мирческа: Царовска да понесе одговорност за хоророт во иннституциите кои треба да се грижат за деца

Уште колку случаи на негрижа се кријат од страна на Министерството за труд и социјална политика, и што треба да се случи за да се понесе одговорност, праша во вторникот Јована Мирческа од ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на првиот човек на овој ресор Мила Царовска.

„Нови два случаи на бремени малолетни девојчиња во Домот за деца ’25-ти Мај’ ја шокираа македонската јавност. По монструозната случка за силувањето на 13-годишно девојче кое забременило во Домот за деца ова е втор и трет скандал кој ја згрози јавноста. Државните институции, кои треба да се грижат за правилниот раст и развој на згрижените деца се претвораат во место за измачување и терор. Државната грижа целосно затаила. Неодговорноста на МТСП и Цароска го трауматизираше животот на дечињата во Домот за деца“, рече Мирческа.

Истакна дека министерката Мила Царовска не смее да бега и да се затскрива зад партиски реакции и соопштенија.

„Мила Цароска е директно одговорна за сите пропусти и недоследности на институциите под раководство на МТСП. Животот за трите девојчиња се претвори во трагедија. Последиците по нивното психичко здравје се големи и незаборавни. Дали разбира Мила Царовска низ која голгота поминуваат овие дечиња. Ниту една оставка на директор или некој пониско во хиерархијата на МТСП нема да ја спаси Царовска од одговорност. Одговорност мора да има. Граѓаните очекуваат директна одговорност директно од Царовска“, истакнува претставничката на опозицската ВМРО-ДПМНЕ.