
Заев со владина делегација престојува во официјална посета на Германија, каде што е предвидено да одржи работни средби со канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.
Како што информираат од владината прес-служба, Заев и канцеларката Меркел по средбата ќе имаат заедничка прес-конференција на која ќе ги презентираат најважните прашања од нивните разговори од интерес на двете земји.
Во текот на денот премиерот ќе оствари средба и со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.
Во седиштето на Фондацијата „Фридрих Еберт“ Заев ќе одржи свое обраќање на тема „Од предизвици до перспективи: демократски реформи и евро-атлантска интеграција на РМ“, а во дискусијата ќе се вклучат државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на СР Германија, Михаил Рот, и претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин, Курт Бек.
Претседателот на Владата еднодневната официјална посета на Берлин ќе ја заврши со вечера ко-организирана од институтот „Аспен“ во Германија, на која се поканети министерот за надворешни работи на СР Германија, Зигмар Габриел, и пратеници од германскиот Бундестаг од различни партии, кои имаат интерес за Република Македонија, за Западен Балкан и ЕУ и за НАТО интеграциите на земјите од регионот.
Инаку, Заев во посетата на Германија е придружуван од висока владина делегација составена од Радмила Шекеринска Јанковска, заменик-претседател на Владата и министер за одбрана, Бујар Османи, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, и Никола Димитров, министер за надворешни работи.
Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Берлин ќе ја продолжи традицијата на билатерални средби на македонските премиери со германската канцеларка Ангела Меркел на секои шест години.
Во својот досегашен, 12-годишен мандат, германската канцеларка Ангела Меркел двапати му беше домаќинка на експремиерот Никола Груевски . Првиот пат, неколку месеци по формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, и вториот пат во 2012 година. За разлика од Груевски, кому црвениот тепих пред кабинетот на Меркел му беше „огнено крштевање” во меѓународната политика на новата функција, Заев во претходните осум месеци веќе обиколи повеќе европските престолнини, а во прв план му беа Брисел и соседните земји во регионот.
Денешната средба се случува по иницијатива на Германија, брифираат од македонската влада, и оценуваат дека тоа им дава посебна важност на нивните реформски напори и на напорите за решавање на спорот за името.