
Германската канцеларка и челничка на Христијанско-демократска унија (CDU), Анлгела Меркел, ги претстави во неделата идните министри од редовите на нејзината конзервативна партија.
„Изборот на министрите од редовите на CDU во новиот кабинет се покажа како макотрпна задача. Моравме да се раздвоиме од долгогодишните и заслужни министри, но мислам дека ни е успешна мешавината од нови лица и искуство и мислам дека имаме тим кој е во состојба да се фати во костец со идните предизвици“, изјави канцеларката Ангела Меркел во неделата по состанокот на претседателството на CDU кое во Берлин се состана за да го подготви вонредниот партиски конгрес кој се одржува во понеделникот.
Најмногу внимание на јавноста предизвика именувањето на Јенс Шпахн, припадник на конзервативното крило на CDU како министер за здравство. Шпахн важи за еден од најжестоките критичари на политичкото водство на Ангела Меркел коешто за него и неговите истомисленици во партијата последните години ја одвела премногу во лево.
На позицијата министерка за образование доаѓа досега релативно непознатата пратеничка Ања Карличек. На местото министер за економија доаѓа досегашниот шеф на кабинетот на канцеларот Петер Алтмаер, а на неговото место доаѓа Хелге Браун. Министерството за земјоделие ќе го преземе блиската соработничка на Меркел, Јулија Клекнер, а Урсула фон дер Лејен и натаму ќе ја извршува функцијата министерка за одбрана.
Меркел ги објави имињата од редовите на CDU во новиот министерски кабинет, иако сѐ уште не е извесно дека воопшто ќе се случи коалицијата меѓу демохристијанската Унија CDU/CSU и Социјалдемократската партија на Германија (SPD).
Членовите на SPD до четвртокот по писмен пат гласаат за прифаќање на коалицискиот договор, а со тоа и за влегување на социјалдемократите во новиот владин кабинет на Ангела Меркел на што се противат големи делови од партијата, а исходот од гласањето е потполно неизвесен.
Според германските медиуми, на вонредниот партиски конгрес на CDU во понеделникот на местото на нова генерална секретарка би требало да биде потврдена досегашната премиерка на сојузна покраина Сар, Анегрет Крамп-Каренбауер којшто некои ја сметаат за наследничка на Ангела Меркел која и ја предложи за оваа позиција пред повеќе од една седмица.
Се очекува, исто така, дека партискиот конгрес на CDU на противниците на Ангела Меркел ќе им послужи и како мегдан за пресметка поради начинот на кој се водени преговорите со SPD. Многумина сметаат дека Меркел, која е на чело на конзервативците од 2000 година, а на канцеларската функција е од 2005 година, ги жртвувала позициите во кабинетот на штета на партијата само за да ја задржи водечката позиција.