Исламистите го спречија извлекувањето цивили од Источна Гута, Лавров бара бунтовниците да дејствуваат за примирјето

© AFP 2018 / Amer Almohibany

И вториот обид за извлекување на цивилното население од Истрно очна Гута, сунитско предградие на сириската престолнина Дамаск кое е бастион на разните бунтовнички формации, повторно е попречен од страна на исламистичката бунтовничка група Џаиш ал-Ислам, изјави во средата началникот на рускиот Центар за помирување на спротивставените страни, генерал-мајорот Јуриј Евтушенко.

„Евакуацијата уште еднаш беше активно попречена од милитантите на вооружените формации, во прв ред од групацијата Џаиш ал-Ислам, којашто ја контролира областа во близина на контролниот пункт Мухаји ал-Вафедин“, изјави Евтушенко.

Повеќе од 300 луѓе се обиделе да минат преку хуманитарниот коридор, но бунтовниците ги избркале. Исламистите не им дозволуваат на жителите од загрозените зони каков и да е обид да излезат и им се закануваат со убиство. На цивилите им се одземени сите возила, забрането им е да користат радио, телевизори и мобилна комуникација, раскажа Евтушенко.

Покрај тоа, милитантите ги одвеле затворениците од затворот „Ет-Тауба“ на нивните позиции во близина на хуманитарниот коридор, додаде рускиот генерал кој ја води мисијата за набљудување на почитувањето на прекинот на огнот договорен меѓу повеќето бунтовнички групи и владините сили во Сирија.

Центарот за помирување на спротиставените страни во Сирија ги оценува ваквите дејствија како неподготвеноста да се остварат барањата од резолуцијата 2401. „Ги повикувам водачите на вооружените групи во Источна Гута веднаш да ги прекинат воените дејствија и да осигурат безбедно излегување на цивилите, како и евакуација на болните и ранетите преку хуманитарниот коридор“, изјави Евтушенко.

Истакна, исто така, дека во текот на денот милитантите од Источна Гута 13 минути ги гранатирале станбените населби во Дамаск. Притоа биле ранети девет лица, од кои три деца.

Истовремено рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, порача дека бунтовниците и оние коишто ги поддржуваат мора да дејствуваат за да функционира примирјето во Сирија, додавајќи дека Москва и во иднина ќе ја помага сириската армија за да ја „отстрани секоја терористичка закана“.

„Русија и сириската влада веќе објавија дека воспоставија хуманитарни коридори во Источна Гута. Ги повикуваме членките на ткн американска коалиција да осигурат еднаков хуманитарен пристап во областите под нивна контрола. Сега е редот милитнатите и нивните помагачи да дејствуваат. Милитантите кои таму се вкопаа и натаму го бомбардираат Дамаск, спречувајќи доставување на помошта и евакуација на оние кои сакаат да заминат“, изјави Лавров на состанок на Советот за човекови права на ОН во Женева.

Околу 400.000 луѓе се блокирани во пошироката област на енклавата Источна Гута, којашто ја контролираат бунтовничките групи, меѓу кои и џихадистички.

Лавров во Женева истакна дека неговата земја и натаму е дава „поддршка на сириската војска во нејзините напори засекогаш да ја отстрани терористичката закана“. Разговарајќи со новинарите ги обвини САД и нивните сојузници дека „свесно или несвесно ги поштедуваат терористите“.

„Тоа прашање му го поставувавме на Вашингтон, како и на неговите сојузници. Ни потполно е јасно дека тероризмот во Сирија мораме целосно да го искорениме“, рече Лавров додавајќи дека „сирискиот народ денес е погоден од најлошата хуманитарна криза“.

Шефот на руската дипломатија повика и на продолжување на мировните преговори за Сирија по средбата со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.