
Делови од противракетниот штит на НАТО распоредени во Полска, Романија и на Алјаска се како „чадор со дупки“, изјави во четвртокот рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Се покажа дека американскиот противракетен штит има дупки“, рекол рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пренесе агенцијата Интерфакс.
Шојгу рекол дека дупките станале очигледни, откако претходно во четвртокот во своето обраќање претседателот Владимир Путин извести за новите видови руски оружја, вклучително и нуклеарно.
Рускиот министер за одрана, покрај тоа, изјавил дека НАТО се обидува да ја вовлече Русија во нова трка во вооружувањето, но дека таа можност ќе биде спречена благодарејќи на новите видови оружје кои ги поседуваат руските сили.
Според Шојгу, Русија создала најсовремено оружје по многу години, а во некои сектори и со децении.
„Тоа е оружје коешто е способно да ги преовладее постојните и идните системи на противракетната одбрана. Тоа, што денес е построено во Полска и Романија, се прави на Алјаска, и се очекува да се изгради во Јужна Кореја и во Јапонија, тоа е ‘чадор’ за ракетна одбрана, кој изгледа ‘издупчен’. И не знам зошто за толку пари го купуваат тој ‘чадор’“, го цитира агенцијата ТАСС рускиот министер за одбрана.
„Сево ова ќе овозможи да се гарантира осигурување на безбедноста и заштитата на суверенитетот на нашата земја со децении однапред. Но, најважно е што помага да се избегне вовлекување на нашата земја во нова трка во вооружување којашто упорно се обидуваат да ни ја наметнат земјите членки на НАТО“, рекол Шојгу.
Изразил мислење дека „тоа е една од најважните пораки (од излагањето на Путин) сиве овие години, во секој случај, во доменот на вооружените сили, министерството за одбрана и безбедноста на земјата“.
„Оваа порака содржи многу и за нашите западни партнери и колеги и, во крајна линија, за земјата“, оценил Шојгу.