
Полицајката која била вербално нападната од функционерот на ДУИ вчера кај ТЦ „Мавровка“ не била тепана туку самата се удрила во „пајк“ возилото кое требало да го однесе џипот на насилникот, ијзави полициската службеничка. Таа денеска се сретна со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од прва рака сакал да се информира за настанот кој вчера привлече многу внимание во јавноста.
Инцидентот се случил околу 10 часот на крстосницата од булевар „Гоце Делчев“ и улица „Филип Втори“. Тогаш специјално возило „пајак“ се обидело да подигне непрописно паркиран џип „ленд ровер” со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.А. од Скопје.
-Во текот на вршењето на редовна контрола забележав неколку возила кои се непрописно паркирани. Според процедурата, возилата ги фотографиравме, и започнавме со нивно подигање. Во тој момент пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А., и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници- рече Јасмина Јаначковска.
Таа објасни дека со Б.А. имала само вербална расправија, меѓутоа при повлекување од местото на настанот таа се удрила со левата рака во „пајакот“, но не била посериозна повреда, што било констатирано и при лекарскиот преглед во ГОБ „Св. Наум Охридски“.
Министерот Спасовски и оддаде признание на Јаначковска за нејзиното професионално постапување и истакна дека ги охрабрува сите полициските службеници да постапуваат неселективно и професионално , согласно нивните законските овластувања.
-Полициските службеници кои постапуваат професионално, од мене како министер и од целото раководство на МВР, ќе имаат целосна поддршка. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Заврши времето кога некои беа поеднакви од другите-рече министерот Оливер Спасовски.
Според МВР, на насилникот му била поднесена прекршочна пријава од Законот за прекршоците за јавноот ред и мир.