
Фудбалерите на Реал Мадрид и на Ливерпул обезбедија пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите откако актуелниот европски шампион го победи ПСЖ и во Париз, а на Англичаните им беше доволно и реми со Порто на „Енфилд“, по убедливата победа во првиот меч на „Драгао“.
Неиграњето на Нејмар,како и исклучувањето на Верати беше премногу за парижаните, кои претрпеа пораз од 2:1 на „Паркот на Принцовите“. Во пеколна атмосфера Реал дојде во водство преку Роналдо во 51 минута, а неколку минути подоцна поради втор жолт картон беше исклучен Марко Верати.
Кавани во 71 минута го израмни резултатот и ги врати надежите на ПСЖ, но девет минути подоцна Касемиро го постигна конечниот резултат. „Кралевите“ од Мадрид на тој начин со убедливи 5:2 од двата меча ја продолжуваат борбата за одбрана на титулата.
За разлика од првиот натпревар на кој Ливерпул го демолираше Порто со 5:0, реваншот во Англија заврши без голови, но и без многу возбудувања.