Комплетирана германската влада, социјалдемократите ќе ја водат дипломатијата

Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во петокот, како последната од партиите во идната ткн Голема коалиција на демохристијаните и социјалдемократите, ги претстави своите шест члена на владата.

Моментално вршителот на должноста челник на SPD, Олаф Шолц, ќе ја преземе функцијата министер за финансии и истовремено ќе биде вицеканцелар, иако досега традиционално вицеканцеларската должност ја вршеше шефот на дипломатијата. Потврдено е дека досегашниот министер за правда Хеико Маас ќе биде новиот министер за надворешни работи, а неговот ресор ќе го преземе Катарине Барлеј, досегашната министерка за семејство. Ресерот за семејство, младина и стари лица ќе го води актуелната градоначалничка на берлинската општина Ноекелн, Франциска Гифеј, а Хубертус Хајл министерството за труд и социјална грижа. Министерството за заштита на животната околина го презема Свења Шулце, досегашната генерална секретарка на SPD во сојузната земја Северна Рајна-Вестфалија.

Откако во последните две седмици своите девет министри ги претставија сестринските демохристијански партии Христијанско-демократската унија (CDU) и Демохристијнаско-социјалната унија (CSU), сега е пополнет четвртиот кабинет на канцеларката Ангела Меркел. Новата германска влада ја сочинуваат шест жени и девет мажи, при што SPD и CDU претставувка по три министерки и тројца министри, додека баварската CSU во Берлин испраќа тројца министри. Меркел и нејзината CDU ги преземаат министерствата за економија, одбрана, здравство, земјоделие, образование и функцијата шеф на кабинетот на канцеларот. Ресорите за внатрешни работи, за сообраќај и за развојна помош, пак, одат кај CSU.

Потврдувањето на Ангела Меркел во Бундестагот би требало да се случи следната среда, речиси половина година по парламентарните избори, кога треба свечена обврска да дадат и членовите на нејзината нова влада. Со тоа треба да биде завршен и најдолгиот период во кој Германија ја водела техничка влада.

 

Ѕвездата на социјалдемократите на чело на дипломатијата

Досегашниот социјалдемократски министер за правосудство и заштита на потрошувачите, Хеико Маас го презема еден од најважните ресори во новиот кабинет на Ангела Меркел, а многумина сметаат дека овој правник од покраината Сар, поради потрезвениот начин на кој последните години го водел досегашниот ресор, е идеално кадровско решение за нов министер за надворешни работи.

Кога пред повеќе од четири години го презема министерството за правосудство, многу политички коментатори во Германија не веруваа дека овој млад политичар од западногерманската провинција ќе успее да го оствари преминувањето на сојузно ниво. Меѓутоа, во последниот кабинет на Меркел, тој се покажа како еден од најуспешните политичари, кој успеа да се профилира не само со многуте закони кои се донесени во време на неговиот мандат, како законот за женските квоти во управните одбори или антитерористичките закони, туку и со неговите разумни настапи, но и со потребната доза емоции.

Емоциите особено ги покажа во борбата против ксенофобијата, како што ја нарече, важејќи како еден од најжестоките критичари на европскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) којашто патем направи остар подем и за кусо време стана третата политичка сила во земјата. Маас е еден од политичарите кои се залагаат оваа партија да биде ставена на листата партии кои се наоѓаат под надзор на Бирото за заштита на уставниот поредок.

Оттаму воопшто не зачудува реакцијата на претседателот на AfD, Јерг Мутен кој веста за доаѓање на Хеико Маас на должноста министер за надворешни работи ја нарече „најголема можна казна“, а самиот Маас личност која на Германија „ќе ѝ нанесе огромна штета“, појаснувајќи го тоа, меѓу другото и со неговото неискуство.

Маас поради неговата отворена поддршка на бегалската политика на Меркел редовно е цел на антидоселеничките протести на кој досегашниот министер за правда редовно го нарекуваа „велепредваник“, а социјалдемократскиот политичар веќе доби многубројни смртни закани, вклучително и со куршум во писмо. Меѓутоа, во другиот дел од политичкиот спектар Хеико Маас важи за сокриена социјалдемократска ѕвезда, чиешто име дури беше споменувано и како можен кандидат на SPD за канцеларската должноста.

Поради неговата врска со популарната во Германија актерка Натали Вернер, неговиот беспрекорен јавен настап во костуми шиени по мерка, дизајнирани очила и активно занимавање со триатлон, Маас е чест гостин на страниците на „жолтиот печат“, кому овој 51-годишен политичар е богат извор на теми во инаку сивиот политички свет на Германија. Оваа популарност веројатно уште ќе се зголеми, имајќи предвид дека министрите за надворешни работи по правило се најпопуларните германски политичари.

Маас функцијата ја презема од неговиот сопартиец Зигмар Габриел, кој минисерството за надворешни работи го водеше малку повеќе од една година и тоа откако од таа должност на позицијата шеф на државата замина Франк-Валтер Штајнамер, исто така, од SPD. Коментаторите, според неговиот стил, Маас го гледаат како поблизок до Штајнмаер, кој беше познат како дипломат кој се одликуваше со упорност, влечење на конците од заднина и неисцрпна работна енергија.

Но Маас доаѓа на должноста околу која во последните седмици во рамките на потресениот SPD најмногу имаше спротиставувања. По коалициските преговори, тогашниот претседател на партијата Мартин Шулц по интерните договори во врвот на партијата објави дека во кабинетот на Ангела Меркел го презема ресорот за надворешни работи, што во јавноста беше дочекано со одобрување имајќи го предвид неговото долгогодишно искуство на позицијата претседател на Европскиот парламент. Аналитичарите го гледаа Шулц како идеална кадровска поддршка за двоецот Меркел – Макрон во најновите процеси на реформирање на Европската унија. Но по внатрепартиските критики, Мартин Шулц се предаде и се повлече од сите функции, а истата судбина го снајде и неговиот партиски критичар Зигмар Габриел, кои исто така не ја криеше амбицијата да остане на функцијата министер за надворешни работи. Сега двајцата мора да се задоволат само со пратеничкиот мандат во Буднестагот.

Интересно е што со Хеик Маас на големата политичка сцена во Берлин доаѓа и третата личност која потекнува од најмалата германска сојузна покраина Сар. И новата секретарка на CDU, Анегрет Крамп-Каренбауер, којашто многумина ја гладаат како наследничка на Ангела Меркел, како и еде од најблиските соработници на канцеларакта и иден министер за економија Петер Алтмајер, доаѓаат од провинцијата сместена на самиот запад од земјата, веднаш до француската граница.