Британската полиција тврди дека има 200 очевидци за нападот на екс-рускиот агент

Британската полиција идентификувала повеќе од 200 очевидци и 240 докази во истрагата за нападот за кој тврди дека е изведен со нервен агенс врз поранешен руски агент и неговата ќерка, објави во саботата министерката за внатрешни работи Абер Рад.

Поранешниот резервен полковник на руското воено разузнавање кој бил врбуван за британското разузнавање MI6 поради што во 2010 година е осуден за предавство, 6-годишниот Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија од неделата се во болница во критична состојба, откако се пронајдени без свест на клупа во градот Салсибери на југот од Англија.

„двете жртви остануваат во болница, во критична состојба се но стабилно“, изјави Рад за новинарите по средбата со безбедносниот кабинет Кобра.

Додаде дека Ник Бејли, полицаецот на кој му се слошило по доаѓањето на местото на нападот, и натаму е сериозно болен, но е во состојба да комуницира со семејството.

Министерката изјави дека повеќе од 250 антитерористички полицајци се вклучени во истрагата којашто се води „брзо и професионално“.

Бројни британски медиуми и политичари нагаѓаат дека Русија е вмешана во нападот, но Москва понуди своја помош во истрагата и обвини дека и покрај недостиг од доказ виновникот однапред е посочен. И Рад повтори дека сѐ уште е прерано да се каже кој е одговорен и дека на полицијата ќе ѝ биде потребно озвесно време да ги утврди сите факти.