
За само еден месец имаме втор скандалозен случај со штитеници од дом за деца без родители, кoj што министерството за труд и социјала се обидува да го сoкрие од јавноста, рече во неделата на прес-конференција Јована Мирческа од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсети дека во саботата беше објавено дека седумнаесетгодишно девојче речиси четири месеци било исчезнато од Домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Скопје, а службите дури пред само два дена пријавиле во МВР дека е исчезнато.
„Зошто некој сакал да го сокрие исчезнувањето на седумнаесет годишното девојче од Домот за деца без родители? Дали министерката Мила Царовска е запознаена што се случува низ институциите на министерството и дали некој воопшто се грижи за штитениците од домовите?“, праша Мирческа и додаде дека што треба да се случи за Царовска „да ја признае неспособноста, да се извини и да го препушти местото на некој што ќе знае да ја врши функцијата?“.
Мирческа, исто така, потсети дека минатиот месец беше обелоденето дека 13-годишно малолетно девојче забременило откако била сексуално злоставувана и малтретирана, а никој не ја поносе никаква одговорност за истиот чин, како и дека се појавија потврди дека дете шест месеци било исчезнато и пронајдено на скопските улици.
„Уште колку малолетни штитеници треба да исчезнат или да бидат малтретирани и злоставувани, за конечно да профункционираат институциите на системот? Додека Мила Царовска молчи, граѓаните очекуваат одговори, но и одговорност. Одговорност од министерката Мила Царовска мора да има. Најмалку што може да направи е да си поднесе оставка поради неспособноста да ја води институцијата“, заклучи.