Во македонската јавност последните неколку години, интересно особено со почетокот на политичките превирања и засилениот и финансиски граѓански активизам, се создаде обид за наметнување на впечатокот дека отворањето рудници во земјата е опасно по здравјето на луѓето и животната средина.
Еколошките здруженија протестираа и организираа референдуми на кои беа отфрлени иницијативите за отворањето рудници и загадувањето на животната средина, а рударскиот сектор останува на ставот дека во рударството има многу повисоки стандарди отколку пред 40 години и дека за сиве овие нејасностии постојат строги законски контролни механизми.
Рударскиот сектор е еден од главните извозници во Македонија, а металичните рудници извезуваат околу 180 милиони долари на годишно ниво, а имаат увоз од 80 до 90 милиони долари. Според некои проценки станува збор за бизнис кој „тежи“ 15 милијарди долари, што укажува дека станува збор за гранка која е позитивно извозно ориентирана.
Менаџерските тимови на рудниците укажуваат дека доколку се донесе предлог-законот постои опасност од замирање на овој сектор во државата и затворање на работни места.
Перцепцијата за рудниците, која сега сака да ѝ се наметне на јавноста, е од периодот на стагнацијата на овој сектор кога преволадуваа слики на напуштени окна и застарени со децении не променети технологи и периоди кога се случувале хаварии, но токму во оние времиња кога рудниците не работеле. Станува збор за еден вид политички популизам, кој јавноста го препознава како голо лажење, велат познавачите од овој сектор.
Притоа, интересно е што референдумите што се водат не минаа онаму каде што има рудници, со што се прави обид на властите да им се наметне божемно расположение на населението и да подлегнат на притисокот, а притоа не се напомнува фактот дека овие локални плебисцити немаат обврзувачки карактер за владата, којашто со законските уредби по теркот на најстрогите европски прописи ја има регулирано оваа област. Притоа, исто така, се пренебрегнува и фактот дека општините имаат полза од 78 отсто од концесискиот договор. На пример во Валандово околу 700.000 евра на годишно ниво, покрај вработувањата во овие капацитети за локалното население, како и партнерските односи кои се развиваат со локални фирми.
Ваквата дебата особено стана актуелна, откако во декември, лани, група пратеници предводени од пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ поднесоа Предлог-измени на Законот за минерални суровини со кои се забранува експлоатација и преработка на минерални суровини со примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни материи.
Непосреден повод за предложениот закон се издадените концесии за површински копови за рудници за бакар и злато – Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите постапки користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор во огромни количества. Знаејќи ја опасноста по живиот свет од овие хемикалии, последниве две години се раздвижи бран протести низ целата земја, а се организираа и референдуми за стопирање на рудниците во шест општини. Но, потенцијална опасност постои од уште 80-ина веќе издадени концесии за геолошки истражувања, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за добивање концесија за експлоатација на минерални суровини, се вели во образложението на законот, се наведува во текстот на предлогот на Поповска.
Но, токму Поповска, како добитник на две награди за технички унапредувања во „Алкалоид“, мора да знае кои, какво и во кој обем опасни супстанции се користат во како одделни индустрии а како екологист и кои се ставени на светските листи како опасни по човековото здравје и животната околина. Па така, Поповска мора да знае дека секое геолошко истражување, при коешто не се употребуваат никакви штетни супстанции не мора да резултира и со експлоатација, туку на државата ѝ овозможува увид во ресурсите со коишто располага. Последен пример за тоа е со компанијата „Резаевоар Минералс“, каде што управител е Даниела Бомбол, најголемиот геолошки експерт во земјата, на којашто локалната гевгелиска власт бара да ѝ се одземе концесијата за натамошни истражување, иако нивните вложувања во истражувањата се високи. На пример, една дупка со пречник од 50 сантимери, може да чини од 30 до 50 илјади долари, а приота не може да се претпостави дека тоа некогаш ќе биде исплатливо.
А, кога станува збор за поддршката на иницијативата за поднесувањето на овој предлог-закон, неофицијалните информации се дека повеќето пратеници потписници, тоа го сториле од колегијални побуди кон Поповска.
Претставниците на компаниите сопственици на рудници велат дека се врши тенденциозен притисок врз овој сектор и оти се извртуваат фактите. Посочуваат дека во самата законска регулатива предвидени се сите најстроги мерки за контрола и претпазливост и оти не е во ред да се затвори еден индустриски сектор врз база на претпоставки. Тие се сигурни дека нивните моментни проблеми не потекнуваат од некој политички субјект или од власта, туку од неколку лица коишто користејќи ја легитимната загриженоста на јавноста од можни еколошки катастрофи манипулираат со фактите.
Денешното рударство е индустрија која и тоа како е контролирана и се грижи за животната средина и здравјето на луѓето. Тоа е имплементирано во сите постапки при добивање на дозволите за работа. Стотици ревизии се прават со кои се потврдува работењето на комплексот. Кога зборуваме за безбедност треба да се знае дека се грижиме и за својата безбедност и за безбедноста на нашите вработени. Сигурно нема да дозволиме да работиме во небезбедни услови со цијаниди кои се небезбедни и да шетаме со гас маски, рече на трбината органзирана кон крајот на мининатиот месец Бошко Сибиновски управител на „Сардич МЦ“, кој стопанисува со рудникот „Казандол“.
Тој дополни дека ниту еден концесионер нема да си дозволи да направи грешка и да испушта штетни материи во околината за рудникот да се затвори, бидејќи вложувањата за отворање рудник се многу големи. А, како поткрепа на неговото тврдење се додава и информацијата од рудникот „Бучим“ дека во реката Меденица веќе нема содржини на бакар и во хидројаловиштето кое се наоѓа во близина на селото Тополица има риба од типот мрена, за која е карактеристично дека живее само во чиста средина.
Погонот за лужење на катоден бакар е еколошки и економичен. Еколошки е затоа што го затворивме циклусот на испуштање на води кое беше присутно пред 2010 година кога во реката Меденица имаше содржини на бакар, но сега во хидројаловиштето кое е во близина на селото Тополница имаме риба мрена која важи за риба која живее во чисти води, појаснуваше во повеќе наврати во своите јавни настапи Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство и сопственик на рудникот „Бучим“.
Нагласува дека биле правени и мерења на ПМ 10 честичките во околината на Бучим пришто е констатирано дека тие речиси редовно се движат околу или под 10 милиграми на метар кубен што е повеќе десетици пати помалку во однос на некои градови во земјата во чијашто близина и воопшто нема рудници.
Стручните лица велат дека невозможно е Поповска, како дипломирана на Технолошко-металуршки факултет да не го знае целосниот процест на лужење, и оти некои нејзини излагања во кои отсуствуваат веродостојни показатели се со цел да се доведе во заблуда јавноста се разбира, не е детално запознаена со процесите во оваа дејност, дека геолошките истражувања кои самите посебе не претставуваат никаква опасноста за животната околина, а покрај тоа се од полза за државата во смисла на собирање прецизни податоци за ресурсите со коишто располага како и самите рударско-преработувачки капацитети, претставуваат особена опасност.
Оттаму, некои го отвораат и прашањето дали најгласните активисти против овој сектор, како Димче Белевски, Ангел Наков и Лилјана Поповски специјално се обучувани за манипулации со маси и создавање привид во јавноста. Така, на пример, дел од стручната јавност, како магистер геологот кој го направил „Бучим“, Коста Поцков, неколкупати во јавните дебати отворено вели дека овие луѓе едноставно лажат.
Од друга страна, Ангел Наков, од здружението „Спас за нас“ од Гевгелија посочува дека проблемот е во тоа што ќе се отворат рудници со отворен коп и ќе се користи процес на лужење што се применува кај руди сиромашни со метали.
Во еден дел од образложението на Предлог-законот се наведува дека многу е веројатно оти ќе се користат најевтините и најопасните техники за експлоатација на рудите имајќи предвид дека истражувањата се однесуваат главно за сиромашни руди на злато, сребро и бакар.
Тоа би значело дека околу 10.000 километри квадратни од нашата земја, која целата изнесува 25.000 километри квадратни, ќе се разори од површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата. Да потсетиме, најголем дел од населението во тој регион живее од земјоделие и туризам, кои би биле уништени за неколку стотици работни места во рудниците, за два процента профит за општините и 98 отсто профит за концесионерите, се појаснува во Предлог-законот.
Притоа, предлагачот на законот покрај тоа што, како што објаснуваат манипулира со споменатата површина за отворените копови, го пренебрегнува фактот дека убедливо најголем отворен коп во земјата на пример е оној на РЕК Битола, чиешто затворање бездруго би предизвикало енергетски и социјален колапс, барем за половина држава.
А, претседателот на комисијата, родениот битолчанец Горан Милевски, лидер на ЛДП, чијашто членка беше своевремено и Поповска, би требало да го затвори РЕК Битола, бидејќи јагленот е најголемиот загадувач на природната средина.
Сопствениците на рудници, пак, уверуваат дека во рударството се користат многу помали количества од овие материи отколку во другите индустрии. Така, од вкупното годишно производство во светот на разни цијаниди кое изнесува околу еден милион тони, само шест проценти се користат во металургијата и рударството, а сите други количини одат во другите индустрии како што се фармацијата, козметиката, прехранбената и винската индустрија.
Концентрацијата на сулфати и сулфити во оцетот кој го користиме дома е иста како онаа што ја користиме ние во процесот на лужење. Медицинскиот сапун има помеѓу пет до седум проценти сулфурна киселина, а за стабилизација на виното исто така се користи пет проценти сулфурна киселина, посочуваат сопствениците на рудници.
Уверуваат дека при деталните геолошки истражувања не се користат цијаниди и сулфурна киселина како што се прикажува во јавноста. Она што во овој случај се употребува и што може да биде детерминирано како опасна материја е работењето на машините и тековното испуштање на дизел гасови и масла.
Така, на пример, за заштита на животната средина и здравјето на луѓето во проектот за рудникот во Казандол проектирани се повеќе од 10 отсто од вредноста на целата инвестиција, притоа се по редвидени 2,5 милиони евра при изградба и функционирање на комплексот и дополнителни 1,2 милиони евра за реализација на проектот за рекултивација на просторот по завршување на експлоатацијата. Од компанијата „Сардич“ велат дека по експлоатација ќе се добие зелена зона на која ќе се изврши рекултивација, на која ќе остане земја, а не јаловина, земја која нема да има еден елемент од претходната состојба, тоа е бакарот.
Како и да е, станува збор за една многу важна тема, и од аспект на заштитата на природната околина и здравјето на луѓето, но и од економски аспект. Оттаму, рудниците не тераат политика, туку најголем партнер им е државата Република Македонија, без разлика кој е на власт. Затоа, во следниот период ќе се обидеме преку претставници на стручната јавноста подетално да запознае јавноста со овој сектор и проблем.