
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас наредниот четврток, на 22 март ќе допатува во дводневна посета на Скопје, и тоа за првпат со авион директно од Атина, придружуван од повеќе советници и новинари.
Ова ќе биде прв авионски лет од Атина за Скопје по цели 12 години.
Коѕијас во Скопје се очекува да го донесе нацрт договорот, или пактот, како што се нарекува во Грција, за решавање на прашањето за името. Откако вечерта на 22 март ќе има заедничка вечера со министерот за надворешни работи Никола Димитров, наредниот ден, според најавите од Грција, Коѕијас треба да има средба со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, овие средби засега не се потврдени.
Според неофицијалните информации од грчки извори, само неколку дена по посетата на Скопје, Димитров и Коѕијас, на 27 март треба да имаат нова рунда разговори со посредникот Метју Нимиц, во Виена. Од македонското МНР ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата.
Пред овие средби, во Македонија и во Грција престојуваше американскиот помошник државен секретар, задолжен за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој порача дека прашањето треба да го решат двете земји, а САД ги поддржуваат разговорите. Неговата посета е во рамките на балканската турнеја и пред доаѓањето во регионот се најавуваше дека Мичел во Атина ќе има средби со грчкиот државен врв на кои се очекува да разговара и за спорот за името. По престојот во Скопје и средбата со премиерот Зоран Заев и министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, во Атина, Мичел се сретнал со министерот за одбрана Панос Каменос, со генералниот секрета во Министерството за надворешни работи и со дипломатски советник на премиерот Алексис Ципрас. Грчките медиуми пренесуваат дека имал и куса средба со министерот Никос Коѕијас, но за средбата нема информација ниту во медиумите, ниту на сајтот на грчкото МНР.
Инаку, во Атинa, Мичел ја пренел истата порака од Скопје дека САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за прашањето за името и дека е многу важно двете држави да продолжат со преговорите.
По неколкучасовен престој во Атина, Мичел замина за Кипар.