ВМРО-ДПМНЕ најави интерпелација за Џафери

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето на Алфа телевизија потенцираше дека сите што го прекршија Уставот, законите и деловникот при донесувањето на Законот за јазиците ќе одговараат за нивните постапки.

-Првиот чекор ќе биде интерпелација за господинот Талат Џафери кој што ја узурпира функцијата претседател на Собранието на Република Македонија и не ја заслужува бидејќи не е достоинствен претседател за сите граѓани во Република Македонија. Има многу причини зошто. Најмалку пет причини, иако моите соработници тврдат дека се повеќе од 10-тина, неговиот начин како го прекрши Деловникот, како ги прекрши Законите, како го прекрши Уставот при обидот да биде донесен овој неуставен и неприменлив закон, вели Мицкоски.

Вториот чекор што ќе го преземе ВМРО-ДПМНЕ е поднесување на кривична пријава за сите оние кои што беа соучесници во овој процес.

– Понатаму ќе следат други чекори кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги превземе против сите оние кои што ќе се обидат да сторат било какво кривично дело, а гледаме дека имаме најава. Апсолутно против секој оној кој што ќе се огреши, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава и ќе чекаме судските органи во тој момент да изјаснат и истите да ги земат во предвид, за сторителите да ги сносат последиците на овој срамен ден за македонската демократија, додаде тој.