
Вишото јавно обвинителство на Србија покренало истрага против јавни личности кои биле противници на вакцинација на децата со ММР вакцина, па преку Фејсбук ширеле шпекулации и невистини за вакцината, предизвикувајќи паника кај граѓаните.
На тој начин влијаеле да се намали опфатот на вакцинирани деца, а сето тоа имало за последица епидемија на морбили која се уште трае во Србија.
Досега од морбили починале 12 лица.
– Вишото јавно обвинителство во Белград, одделение за високотехнолошки криминал постапува во насока на утврдување на одговорноста на повеќе јавни личностти противници на вакцинирањето и истите се предмет на обработка и процесуирање. Се собираат потребните докази и документација за да на адекватен начин и во потполност предкривичната постапка биде спроведена и завршена- соопштуваат од Обвинителството.
Осомничените во изминативе години преку интернет страници кои ги отвориле со цел да се предизвика паника и да се шират невистини за вакцината секој обид на епидемиолозите и имунолозите да го едуцираат населението тие го оспорувале со својата контра пропаганда.
Група од 270 родители веќе поднела кривична пријава против 42 лица заради ширење на страв и паника од вакцината и појавата на епидемијата од морбили.