
Тимот на Портланд ја оствари 13 победа во низа откако славеше во Лос Анџелес против „Клиперси“ со 122: 109, предводен од Демијан Лилард, Си-Џеј Меккалум и Јусуф Нуркиќ. Ако Хјустон и Голден стејт очекувано се на врвот на Западната конференција во НБА-лигата, тогаш Портланд не беше планиран за третото место кое е на добар пат да го задржи ако продолжи со вакво темпо.
Од друга страна, поразот против Портланд го загрозува плеј офот на „Клиперси“. Екипата од Калифорнија сега има скор од 37 победи и 32 порази и е на десетто место во Западот. До крајот на регуларниот дел заедно со Минесота и Денвер ќе се борат за осмата позиција – последна која води во разигрувањето.
Лидерот на Западната конференција на НБА лигата и најуспешната овосезонска екипа, Хјустон Рокетс продолжува да „меле“ во најкавалитетното кошаркарско натпреварување на светот, славејќи 56 пат сезонава, на тешкиот терен во Минесота.
Во победата од 129-120 повторно најдобар беше Џејмс Харден, кој фаворитската улога за МВП признанието ја потврди со 34 поени, 12 асистенции и 4 скока.
Извонредна индивидуална ноќ имаше Расел Вестбрук, со нов трипл-дабл. Toј запиша 37 поени, 14 асистенции и 13 скока за победа на Оклахома кај Торонто со 132-125, со што заврши серијата на Репторс од 11 победи.