
Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинението за случајот „Сопот“ бидејќи, според обвинителката Катица Јанева, не постојат доволно докази со кои може да се утврди обвинението . Единствен доказ на кој се засновала пресудата е сведочењето на Бајрам Рамадани, кој исказот го дал под присила.
Јанева по денешното судење рече дека и натаму останува отворена предистражната постапка што ја водат за осомничените во овој случај. ВО СЈО имаат друга теорија за случајот и бараат меѓународна правна помош.
Обвинителот Бајрим Рустеми рече дека кривичното дело тероризам не може да се поврзе со обвинетите.
– Припадници на УБК вршеле психичка и физичка тортура врз Рамадани, кој што бил незаконски приведен и тепан во објект во Банско, Струмица. Сведокот добил закани дека ќе биде лишен од живот и бил присилен од припадници на УБК да напише изнудена изјава врз која се базира пресудата- рече Рустеми.
СЈО утврдило дека лицата кои го испитувале Бајрами направиле тортура, но оти против нив не можело да се постапува бидејќи делото застарело во 2013 година.
Случајот „Сопот“ е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот. Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам. Тие се товарат дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, лани во јули го предаде предметот на СЈО, откако во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со случајот.